Во скопските поликлиники фалат специјалисти – Сител 22.11.2011
Специјалистички ординации во скопски поликлиники стојат празни. Во Ѓорче повеќе од една година немаат лекар за уво нос и грло а во Ченто работат без интернист. Од лани до сега дури 17 специјалисти од Здравствен дом Скопје заминале во пензија. Нивна замена нема. Постоечките специјалисти се принудени да ротираат од една во друга поликлиника за да нема застој во работата.
…онаму каде имаме две смени останува една и едниот лекар оди во поликлиниката каде фали специјалист. Но тоа е привремено решение. Нема реакции од пациентите засега, вели Боби Бојчевски од Здравствен дом Скопје.
За да функционираат нормално на здравствен дом Скопје му требаат 15 специјалисти. Во итната медицинска помош има лекари кои одат на специјализација. Според раководството на Здравствен дом тие можат да ги пополнат празните местас во специјалистичките ординации.
…ако ги добиеме вработувањата на општи лекари во Брза помош, тогаш младите специјалисти ќе ги земеме во поликлиниките, вели Бојчевски.
Последното вработување на ваков кадар во Здравствен дом било во 2002 година. Располагаат со 300 специјалисти. Но Скопје за 8 до 10 години може да остане без нив доколку нема нови вработувања.
Сања Димитровска




