Зголемувањето на цените на услугите во јавното здравство ги испровоцира приватните лекари

Приватните лекари бараат од државата да ја зголеми цената која им ја исплаќа по пациент. Барањето доаѓа откако од почетокот на годината фондот за здравство ја поскапе партиципацијата за медицински услуги во државното здравство, а ги покачи и платите на лекарите и медицинскиот персонал. Приватните лекари велат дека не можат да ги следат платите на државните, оти од 2016 година нема никакво поместување на капитациите.
Чолакова Дервишева се жали дека со децении наназат капитацијата им доцни по неколку месеци. Тие бараат со евентуален ребаланс на буџетот во февруари, да се покачат и буџетите за приватното здравство. Од фондот за здравство ниту ја прифаќаат, ниту ја одбиваат иницијативата. Промената на цените на услугите не води кон автоматско зголемување на годишните надоместоци за здравствените услуги.
„Референтните цени на ДСГ услугите не се менувани од 2010, односно 2012 година, додека цената на капитациониот бод на матичните лекари е двапати зголемена, првиот пат од 45 на 50 денари, а потоа од 50 на 55 денари. Би сакале да истакнеме дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија, распределбата на сопствениот буџет ја определува според приоритетите и потребите за здравствени услуги, имајќи ги предвид сите учесници во здравствениот систем и давателите и примателите на здравствени услуги.“ – велат од фондот.
Сепак, Чолакова смета дека не може народните пари постојано да се насочуваат кон јавните и приватните болници кои работат со фондот. Вреднувањето на трудот треба да биде подеднаков за сите, ако сакаме да имаме квалитетно примарно и секундарно здравство, вели таа. За некој да биде награден во терциерно здравство, друг треба да одработува во примарното и секундарното, смета Чолакова.




