И здравството во затвор Утрински Весник 4.11.2011

Лекарите и стручњаците укажуваат дека можат да настрадаат пациентите од работењето под притисок на санкциите

Јасмина Јовановска

Колку казните што фрчат во здравството ќе донесат подобар третман на пациентите? Ова прашање се’ повеќе се наметнува откако министерот за здравство Никола Тодоров почна да се расфрла со санкции за секој што ќе згреши во неговиот сектор. Прво, ги удри по џебот менаџерите на болниците и на клиниките, потоа најави еден куп казни за веледрогериите, но и за лекарите, меѓу кои казната затвор како да стана синоним за здравството. Како последица на казнените мерки, неколку директори веќе поднесоа оставки, а веледрогериите коментираат дека ова се неподносливи услови за работа.

И лекарската фела и стручњаците сметаат дека казната затвор не е мерка за воведување ред во здравството и за дисциплинирање на лекарите што се столб на здравството. Додаваат дека не се ни начин на кој министерот треба да комуницира со здравствените работници. Фелата укажува и дека санкциите може да бидат контрапродуктивни и место подобар третман, заради работата под притисок, да се случи да настрадаат пациентите. А, она што е уште пострашно, предупредуваат стручњаците, со заканите со казна затвор, лекарските пропусти ќе се кријат уште повеќе. Чашата ја прелеа најновата мерка. Со поднесување кривична пријава против непознат сторител за секое сомневање за лекарска негрижа, стручњаците велат дека министерот се обидува да ги замолчи и пациентите и новинарите. Ова на индиректен начин им го порача министерот и на пациентите и на новинарите, на кои им укажа дека кога ќе се решат да обелоденат во јавноста случај на лекарски пропуст, ќе имаат одговорност и едните и другите. Колку казните се лек за несредените односи во здравството, вчера се молчеше во Министерството за здравство.

Одредени лекари и стручњаци велат дека со казна затвор нема да се добие подобро здравство, туку само се заплашуваат лекарите. „Зошто се потребни казни кога имаме најреформирано здравство, како што се пофали Владата“, вели ексминистерот за здравство д-р Ѓорѓи Оровчанец, член на опозициската Нова демократија. Тој смета дека со казните само ќе се заплашуваат лекарите што може да има спротивен ефект, бидејќи се работи со пациенти.

Со казнените мерки уште повеќе ќе се кријат лекарските пропусти, предупредува д-р Владимир Лазаревик, од Институтот за социјална медицина и раководител на јавната мрежа „Хект груп“. „Постои една изрека која вели ’Во доктор не се пука ни на бојно поле‘, во која верувам. Не сум за прогон и за казни за медицинската фела, туку да се отвори процес на зголемена транспарентност и за јавно признавање на грешките што се случуваат. Секој човек може да згреши, да се прости е човечки. Сигурно дека ниту една грешка не е настаната како намера, или желба да се нанесе штета“, укажува Лазаревик, за кого грешката секогаш не може да се персонализира, бидејќи постојат системски грешки што се случуваат како сплет на околности што довеле до нивна појава.

И ексминистерот за здравство Бујар Османи е на мислење дека треба да се внимава со кои механизми ќе се воведува ред во здравството, но, сепак, тоа е проценка на министерот. „Мора да се внимава кога се воспоставува ред во здравството да не се наруши дигнитетот на лекарите, зашто тенка е линијата меѓу редот и дигнитетот“, вели Османи. Тој ги оправдува сите мерки што се во интерес на здравјето на пациентите. За него, сепак, потребен е дијалог со фелата и здруженијата.

На министерот му е лута и лекарската фела. „Ваквите репресивни мерки не водат кон добра соработка на лекарите со Министерството“, предупредува и претседателот на Здружението на матични лекари, д-р Лилјана Чолакова Древишева околу мерката дека во затвор ќе завршат матични лекари, ако издадат лажно боледување.

„Кога се носат вакви новини, треба да се внимава. Посебно што се загрозува довербата меѓу лекарите и пациентите. И сега матичните лекари не издаваат така лесно боледувања, заради санкциите од Фондот“, укажува Чолакова-Древишева, надевајќи се дека за оваа избрзана мерка, сепак, ќе се пишмани министерот. Никој од лекарите не исклучува дека работењето под притисок нема да доведува до ситуации да ги убедуваат болните дека не им треба боледување, дури и тогаш кога им налага здравствената состојба.

И Македонското лекарско друштво (МЛД), кое вчера со соопштение се огласи дека е навредено од јавните закани на министерот, смета дека со казните ќе се наруши односот меѓу лекарот и пациентот. „Казнувањата, јавните закани, или заканата со кривична одговорност не се најсоодветен начин за подобрување на состојбите во здравството. Процесот на лекувањето може да биде проследен со ненамерни грешки и тоа се случува насекаде во светот. Но, тоа не смее да биде причина на ваков начин да се навредуваат лекарите и да се нарушува нивното достоинство и углед“, велат во МЛД.

Извор: Утрински Весник

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари