Сините картони не се враќаат во здравството

Сините картони нема да се вратат во употреба. Министерот за здравство ќе истражува кој во Фондот наложил да се бараат сини картони и ќе бара одговорност. Во меѓувреме додека не се најде трајно решение за проблемот, граѓаните ќе може да ги користат електронските здравствени картички и со истечен рок. Оние пак кои немаат картичка, ќе можат на лекар да одат со лична карта или пасош.
„Можат директно сите, аптеките примарните и секундарните доктори можат директно да го проверат статусот на осигурување. Практично, никаква потреба да се печатат на пациентите сини картони. Ќе побараме одговорност да видиме зошто се пуштени во оптег сините картони, воопшто немало потреба“, вели Арбен Таравари – Министер за здравство.
Сепак ова не е трајно решение на проблемот, смета претседателката на здружението на приватни лекари Лилија Чолакова. Наместо да ја намали административната работа на лекарите, да ги замени хартиените книшки и да го олесни лекувањето на пациентите, како што тврдеа здравствените власти кога го почнаа овој проект, електронските здравствени картички никогаш не профункционираа според очекувањата.
Доктор Чолакова вели дека електронскиот здравствен систем е потреба, но за тоа треба континуитет во спроведувањето на проектот.
„Суштината е што проектите на траат долго и прашањето е зошто некој ставил ограничување на електронските картички да важат пет години Ние како доктори, како фела, сите уплативме, а и граѓаните уплатија и со тоа влегоа во буџетот 7-8 милиони евра, но очекувавме дека сето тоа ќе трае во континуитет“, вели Лилија Чолакова – Претседател на Здружение на приватни матични лекари.
Уште од самиот почеток на воведувањето на електрoнските картички проектот имаше низа пропусти. Прво финансирањето на картичките беше најавено дека ќе биде на товар на државата, но потоа екс министерот Тодоров објави дека граѓаните ќе си ги платат од свој џеб. Откако им истече рокот од 5 години на картичките, граѓаните требаше повторно да платат 250 денари за обнова – што повторно предизвика револт бидејќи голем дел од нив не ни беа информирани дека картичките имаат рок на траење, а и покрај електронските картички, на крај пациентите повторно одеа со здравствените книшки на лекар, бидејќи картичките не ги содржеа сите податоци за пациентите, што се потребни при лекување.
Дури и по 7 години од почнувањето на проектот, компјутеризацијата на здравството не профункционира според очекувањата.
Министерот Таравари сега најавува дека во иднина размислуваат личната и здравствената карта да ги интегрираат во една како трајно решение на проблемот.




