Изборот на ново раководство на Лекарската комора тргна со тужби
Изборот на ново раководство на Лекарската комора на Република Македонија (ЛКМ) се одвива со несогласувања. Тројца делегати од собранието на Лекарската комора поднеле тужба до Основен суд 2, поради, како што велат, нерегуларност при гласањето за новиот статут на комората. Тие бараат да се поништи новиот статут и новото раководство на комората да се избира по стариот.
– Тројца делегати од собранието поднесовме тужба против ЛКМ, поради нерегуларност при гласањето на новиот статут. Не може малцински број на делегати, во случајов 27, да менува статут за 5.000 доктори. На собранието беа присутни 42 делегати. Потребно е мнозинство од вкупниот број делегати, а тоа е 67. Така, нашите правни советници кажаа дека тоа е нелегитимно – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова.
Докторите што тужат имаат поднесено барање за привремена мерка, за да се стопира целата постапка. Во меѓувреме ЛКМ, вели нашата соговорничка, ги внела новите податоци во Централниот регистар и промената ја објавила во „Службен весник“.
– Со тоа ѝ нанесе штета на лекарската фела. Срамно е за ЛКМ да носи статут со кој забранува секаква активност на претседатели на здруженија, прави општински одбори на приватни доктори само во Скопје, а во другите градови не. Исто така не дава списоци на колегите од Скопје за да знаат како да се организираат. Во ЛКМ земаат плата од докторите и се должни сѐ да е транспарентно, а не тајно. Во моментов комората е приватност на тројца колеги и тие си прават што сакаат. ЛКМ треба да ги брани интересите на докторите и да се грижи за нивните проблеми. Должност и е да има квалитетни луѓе со потенцијал и капацитет што можат да креираат добро здравство за сите – додава Чолакова-Дервишова.
Сегашниот претседател на ЛКМ, проф. д-р Кочо Чакалароски, тврди дека сѐ било во ред со носењето на статутот. Сега се избираат делегати по општинските одбори. Се очекува тоа да заврши месецов и на 6 април собранието да избира нов претседател.
– Немаше ништо нелегитимно при гласањето и сѐ беше законски, за што постои и уредна документација од состанокот на собранието на ЛКМ – вели Чакаларовски.




