Македонците на лекар и по 2-3 пати на ден, а во ЕУ толку не одат ни месечно

Македонија е една од земјите во кои здравствените ординации се најчесто посетувани. Така, Швеѓаните и Kипраните просечно одат на лекар помалку од трипати годишно, граѓаните на Србија и по осум пати годишно, а Словаците и Унгарците и повеќе од десет пати годишно.
Евростат ги обелодени податоците и за земјите што се на патот кон ЕУ, според кои секој граѓанин на Македонија, Црна Гора и на Турција одел на лекар просечно седум-осум пати годишно, слично како во Србија. А најмалку на лекар одат Албанците – во просек само два пати годишно.
Во повеќето земји членки на ЕУ поголемиот дел од населението оди кај матичниот лекар отколку кај специјалисти. На прашањето каква е состојбата кај нас, во Здружението на приватните лекари на Република Македонија со изненадувачки, малку и фрапантен одговор: се случува некои пациенти и во само еден ден да одат повеќе пати на матичен лекар отколку дел од Европејците во месецот или во годината.
– Некои ни доаѓаат и по два-три пати на ден, што е навистина премногу и се одразува на здравствените услуги што треба да ги добијат другите пациенти. Не може болен со стегање и болка во градите да чека на преглед, да друг пациент што не е итен на телефон да си презакажува термини за преглед или да нарачува рецепти… Нашиот впечаток, односно на поголемиот дел од лекарите, е дека с` што е бесплатно често се бара, како што е влезот кај матичниот лекар. А кога не се плаќа, тогаш не се ни почитуваме и се експлоатираме максимално и многу често – непотребно! Она што сме го забележале е што имаме енормен број посети, кои од година на година се зголемуваат, а бројот на пациенти е ист.
Бројот на услуги е исклучително зголемен – некои пациенти одат на преглед и наутро и попладне, но и другиот и тој по него ден, или еден ден за рецепти, друг за упати, па потоа телефонски ни се јавуваат и ги презакажуваат. Премногу сме оптоварени – наместо да работиме медицина и да лекуваме, ние се претворивме во телефонски оператори! Се чини треба да вработиме лице што буквално по цел ден само ќе одговара на повиците – вели д-р Лили Чолакова, претседател на Здружението.
Европската статистичка служба објави дека во 2014 година просечниот број посети на лекар во ЕУ бил помеѓу четири и девет, а и над тој просек на лекар оделе во Германија, Чешка, Словачка и во Унгарија.
Чолакова појаснува дека кај нас најчесто пациентите бараат упати за специјалисти интернисти и тоа за проблеми со срцето и крвниот притисок, кај ендокринолози зашто има голем број дијабетичари, а се бараат и упати за преглед кај психијатар поради состојби на анксиозност. А пациентите помалку одат на кожен или очен лекар, на пример.
Таа предупредува дека лекарите многу често непотребно губат време за сервисни и административни работи.
– Сите матични сме приватни доктори и треба веќе да определиме термин во денот за телефонски јавувања, а не по цел ден да одговараме на повици – па толку достапни лекари никаде во светот мислам дека нема! Ниту вработени или директори на институции што работат во интерес на граѓаните немаат ваква достапност – и во сабота, во недела, на „Вибер“, на „Фејсбук“… Сите очекуваат одговори, а нашата љубезност почна и да се злоупотребува со често непотребни повици. Или не сакаат ред да чекаат во ординација, па телефонски си порачуваат рецепти и упати, прашуваат кој лекар е на смена. Немаме ништо против да услужиме, но за практикување медицина треба и време и концентрација, матичниот лекар треба да е столб на системот и да прегледува и до 80 отсто од пациентите за кои ни треба барем 15-20 минути за преглед, па ние не работиме на лента – нагласува Чолакова.
И кај матичниот по 40 денари за првиот преглед
Поради проблеми со преголемата оптовареност со банални работи, сметаме дека здравствените власти мора да кажат стоп и да воведат практика да се плаќа влезот кај матичните лекари, тоа го побаравме уште пред неколку години, вели д-р Лили Чолакова.
– Барем некако да се заштити здравјето на кадарот бидејќи преголемата и веќе абнормална оптовареност ќе н` однесе нас лекарите во бурн-аут синдромот! Нека биде партиципација од 40 денари за секоја нова дијагноза – тоа го предлагаме. Да се плати барем првиот пат кога доаѓа пациентот – додава Чолакова.




