Само лекари што го злоупотребиле потписот не ќе може да си препишуваат рецепти

Само оние матични лекари што го злоупотребиле својот потпис нема да може да си препишуваат самите на себе рецепти, а другите лекари ќе го задржат тоа право. Ова е најновата одлука на управата за електронско здравство „Мој термин“, а претходно реагираа од Здружението на приватните лекари откако пред неколку дена им беше скратена можноста самите на себе да креираат упати и рецепти.
– Имајќи ги предвид реакциите и дискусиите во јавноста, управата одлучи со цел сузбивање на оваа појава и превенирање евентуални злоупотреби да спроведе системска мерка со која ќе се оневозможи само на оние доктори што го злоупотребувале системот да си креираат упати и рецепти самите на себе како матични пациенти. Управата ги прифати аргументите дека поради неодговорни поединци не треба да бидат казнети сите доктори кои совесно и законски си ја вршат својата дејност – соопштија вчера од управата за електронско здравство „Мој термин“.
Од таму детаљно ги образложија и причините зошто првично била донесена забраната.
– Од анализата на податоците од системот „Мој термин“ се утврди дека кај поголем број доктори, од кои кај 100-ина се констатирани нереално голем број препишани рецепти што докторите си ги препишале самите на себе. Управата утврди дека еден гинеколог си препишал самиот на себе 182 рецепта за една година, од кои 45 се антибиотици. Нереално е и воопшто не соодветствува со протоколите по медицина базирана на докази пациент да примал антибиотска терапија секој ден во период од една година. Ова е очигледен пример дека станува збор за злоупотреба на системот и на овластувањата од некои од докторите со што директно се оштетува и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, но и пациентите. Доколку некој нереално си препишува антибиотици или кои било други лекови и ги подигнува на товар на ФЗОМ, а тие лекови реално не му се потребни, тогаш некому кому тие лекови му се потребни ќе остане без неопходната терапија. Неправдата која со ова им се прави на пациентите е уште поголема кога ќе се знае дека тоа е направено од некој доктор – се вели во соопштението.
Дополнително, управата утврдила и десетици случаи на матични доктори од целата држава кои си креирале над 110 рецепти самите на себе за една година или во просек секој од нив си препишал по 136 рецепти во една година.
– Овие доктори си препишале 8 пати повеќе лекови самите на себе отколку просечниот број рецепти што им го препишале на нивните пациенти. Kај 100-ина матични доктори е урврдено дека самите на себе си препишувале во просек по 72 рецепта на годишно ниво – се вели во соопштението.
Управата за овој случај ќе ги информира Лекарската комора на Македонија и Етичката комисија при Лекарската комора.




