Матичните лекари не можат сами да си препишат лек, ниту да си креираат упат

Матичните лекари реагираат дека од петокот им се случува апсурдна ситуација бидејќи тие не можат да си препишат рецепти, ниту упати, а ни боледувања самите на себе. Со овој проблем досега се соочиле матичните лекари од Берово и Пехчево, кои останале со куси ракави кога се обиделе преку системот „Мој термин“ да креираат рецепти и упати.

Д-р Милка Суџуковиќ, која над 20 години работи во ординација во Берово и е координатор за сите матични лекари од овој регион, тврди дека не можела да си препише лек за тироидната жлезда и за срцево заболување, ниту упат за лабораторија и специјалистичка контрола на Институтот за патофизиологија, што со години го практикува.

– Фрапирани сме со колегите од ова што од петокот ни се случува – на 7 ноември без проблем си ја препишав самата на себе хроничната терапија и немав никаков проблем, но кога пред три дена се обидов да си препишам лекови, тоа не ми беше дозволено. Еве и денес се обидувавме заедно со сестрата, но попусто, од системот „Мој термин“ сите упати за специјалист за секундарно и терцијарно здравство ни се блокирани, барањето ни се враќа без да знаеме зошто. 21 година одам на контрола на Патофизиологија и сама си креирав упати с` досега, а сега, со толкаво искуство, првпат ми се случува да не можам да си напишам упат. Треба ли, на пример, доктор што е втора смена на работа ако падне и се повреди, да го чека колегата што е во прва смена за да му напише упат за снимање на рендген? Ова е студен туш за сите нас лекарите и многу контрапродуктивна одлука, особено што за неа не бевме ниту известени ниту консултирани претходно – вели Суџуковиќ, која заедно со колегите ќе испрати и писмена реакција до Министерството за здравство и до Фондот за здравство.

И од Здружението на приватните лекари се изненадени од овој застој.

– Точно е дека викендов имавме многубројни реакции од колегите, кои досега, според Законот за здравственото осигурување од 1997 година, сами на себе имаа право да си препишат рецепт, упат и боледување. Што со оние лекари што се само во селата – треба ли тие сега и да патуваат по 10 километри за најблискиот колега лекар да им издаде рецепт? Да нагласам дека матичните лекари строго се придржуваме до квотите лекови што имаме право да ги препишуваме, свеста на овој план е подигната, а имаме и договори со Фондот во однос на рационално препишување рецепти за што се води и електронска евиденција – дневник кој се доставува и во Фондот и до Министерството за здравство, од каде што имаат увид. Ако има обиди за злоупотреби, секој колега што ги прекршува одредбите и ја пречекорил квотата, може да биде санкциониран од надлежните – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова.

Раководителот на Националниот систем за закажување прегледи „Мој термин“, Милан Аризанкоски, ни изјави дека според Законот за здравственото осигурување (член 28), секој осигуреник има право и должност да одбере избран лекар со пополнување на ИЛ-образец.

– Во него експлицитно не стои дека е забрането сам на себе да си биде избран лекар. Но, во законот за спречување судир на интереси во член 3 став 2 е наведено дека како службено лице се сметаат вработените во установите, што значи дека овој закон се однесува и на здравствените работици (матични лекари и медицински сестри) вработени во здравствени установи.

Согласно член 3, имаме судир на интереси во случај кога службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности. Практично – постои конфликт меѓу јавниот интерес и приватниот интерес на лекарот/осигуреникот или кажано преку примери – исполнување цели, препишување боледување, препишувања рецепти и слично. Матичен стоматолог може ли сам на себе да си направи заби? Општ лекар може ли сам на себе да си направи ЕKГ? – вели Аризанкоски.

Извор

Коментари (1)

 

  1. Арбен Аголи напиша:

    apsurdna situacija no pravno izdrzajna.Jas si imam svoj maticen lekar i toa kardiolog koj raboti kako maticen.

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари