Пациентите ништо не губат со одлуката настинката да ја лекува само матичниот

Најновата мерка со која пациенти со конјунктивитис и настинка ќе се лекуваат само на матичен лекар и нема да се упатуваат кај специјалист нема негативно да се одрази врз квалитетот на здравствената заштита на граѓаните, тврдат матичните лекари.
Лекарите отсега за овие две дијагнози немаат право да упатуваат на повисоко ниво на здравствена заштита според укажувањето на Министерството за здравство. По направената анализа, Министерството оценило дека има непотребно упатување за овие дијагнози од матичен кон специјалист, а по сите стандарди треба да се лекуваат кај матичен лекар. За дијагнозата конјунктивитис биле издадени 48.536 упати на 40.894 пациенти за една година, а за настинка на специјалист се упатени 10.198 пациенти.
Лекарите појаснуваат дека пациентите често се упатуваат и за други заболувања под овие работни дијагнози со цел што побрзо да бидат услужени бидејќи, поради метежот, во чекалниците лекарите немаат време да ја бараат точната дијагноза во книгата.




