Настинките и ангината, која одамна не се појавила, покосија 14.000 лица

ОРДИНАЦИИТЕ ПОЛНИ СО ПАЦИЕНТИ

Зголемен е бројот на пациентите со настинки и инфекции на горните дишни патишта, а освен овие заболувања, почна да напаѓа и херб-ангината, предупредуваат матичните лекари, чии ординации веќе десетина дена се преполни со пациенти што се жалат на течење на носот, болки во грлото, кашлица… Некои добиваат и зголемена телесна температура. За само една недела, од 3 до 10 октомври, биле пријавени околу 14.000 лица со инфекции на горните дишни патишта во Институтот за јавно здравје, и тоа од целата земја, а состојбата се комплицирала кај околу 3.300 лица кои заболеле од бронхитис или воспаление на белите дробови.

Најмногу на удар се децата до 6 години – имало пријави за 4.200 најмали со воспаление на синусите, крајниците и на грлото, а 900 деца се разболеле и од бронхитис и бронхопневмонија, како и работоспособните лица на возраст од 20 до 59 години, лекарите пријавиле 4.500 лица со инфекции на горните дишни патишта.

Пациентите мислат дека вирусот кој почна да коси оваа година како да е поинаков за разлика од претходните години.

– Веќе две недели глава не кренав од настинката, а досега не ми се случило толку да ме држат симптомите – слабост, сува кашлица, печење на очите. Немам зголемена температура, ниту бактерија во грлото и носот, така покажа резултатот од брисот, па не земам антибиотик, ама многу лошо се чувствувам. Страв ми е да не добијам бронхитис или нешто пострашно – вели скопјанката Љ.П.

Многу пациенти со херб-ангина

Матичните лекари предупредуваат дека по неколку години, деновиве почнале да дијагностицираат заболени од специфична ангина кај дел од пациентите.

– Имаме и многу пациенти со херб-ангина. Причинител се херб-вирусите кои предизвикуваат од 5 до 20 меурчиња на грлото, а се јавуваат и на горниот дел од непцето, придружено со силно изразена болка во грлото и слабост. Наодот за оваа ангина е карактеристичен и лекарот не може да го згреши. Тоа е вирусно заболување што го легнува пациентот, а загрижува што на него често се накалемуваат и други бактериски инфекции. Долго немало појава на заболени од оваа ангина – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, специјалист по семејна медицина и матичен лекар во ПЗУ „Саномак“ во Велес.

Таа додава дека оваа ангина, од која во нејзината амбуланта веќе имало неколку случаи, најчесто се јавува кај работоспособните лица.

– Луѓето трчаат наутро на работа, претходно се тушираат и излегуваат веднаш надвор, а сега утрата се многу студени. Мора да се облекуваме соодветно и со облека во неколку слоеви на овие променливи временски периоди кога дење е топло – и со над 20 Целзиусови степени, а наутро студено – температурата е блиску до нулата. Секој што ќе се разболи од настинка или од оваа ангина треба да остане 2-3 дена дома и добро да одмори, а доколку почувствува влошување и ако болеста напредува, треба да се јави кај својот матичен лекар, кој по прегледот ќе реши што понатаму – вели Чолакова.

И стрептококна инфекција

Освен од херб-ангина и настинка, деновиве во ординациите се забележуваат и зголемен број лица кај кои брисот од грлото покажал присуство на стрептококна бета-хемолитикус инфекција. – И овде причината е позната и слична кога набрзо по туширање, ќе излезат на студено, порите се поотворени и се создаваат услови за активирање на бактеријата стрептокока. Освен промената на времето, која си го направи своето, некои од луѓето во овој период прават и зимници, па тоа дополнително ги истошти. Бактериите сите ги носиме во себе, но дали и кога тие ќе се активираат, зависи и од тоа како се однесуваме на променливите временски услови кои се сега присутни. А дали некого ќе го нападне бактерија или вирус или нема воопшто ни да настине, зависи од имунитетот на човекот – нагласува Чолакова.

Сите матични лекари секој понеделник преку алерт-системот задолжително ги пријавуваат заболените од овие инфекции во Институтот за јавно здравје.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари