На лекар како во продавница за желби

Многу често пациентите на лекар одат „подготвени“, со листа на лекови за кои сметаат дека докторот би требало да им ги пропише или анализи на кои треба да ги прати. Читаат на Интернет, разменуваат мислења меѓу себе и лесно донесуваат заклучоци за здравјето иако не се упатени во медицината. Поради тоа лекарите трошат повеќе време за преглед, зашто во него е вклучено и објаснувањето зошто некоја анализа треба или не треба да се направи или зошто некој лек е потребен или не. Закажувања кај нив, за неитни пациенти, велат се невозможна мисија.

– Сѐ почесто имаме пациенти, кои кога ќе влезат не кажуваат што чувствуваат или што ги боли туку веднаш ја кажуваат дијагнозата. Муабетот наопаку ни тргнува. Има и такви што се убедени за испитувања што треба да ги направат и вербално агресивно си ги бараат. Се случуваат и кавги, па менуваат лекар. Сѐ повеќе имам чувство дека ние лекарите ја губиме почитта од пациентите. Причините за тоа мислам дека се повеќе, не е само до пациентите или до нас, туку и како нѐ третира општеството – вели матичен лекар.

Д-р Тереза Маринова, исто така матичен лекар, вели дека и кај неа се бараат секакви испитувања иако често нема причина за нив.

– Ќе го ислушам пациентот, ќе прашам за симптомите и прво инсистирам на преглед. Така се смирува, доаѓаме до вистината. Ако има потреба секако дека го праќам на испитувања и секако објаснувам зошто нешто треба или не треба. Пациентите треба да им веруваат на своите лекари. Точно е, се губи многу време, но таква е процедурата – вели д-р Маринова.

Кога прегледот трае подолго се прави и поголем метеж во чекалниците. За проблемот да биде поголем, лекарите, како што велат, имаат сѐ повеќе посети. Тие разговарале за тоа да се воведат закажувања на неитните пациенти, но заклучиле дека е невозможно. Пациентите што доаѓаат на матичен најчесто веднаш имаат потреба од лекар. Во Здружението на приватни лекари неколку пати имаа иницијатива да се наплаќа симболична партиципација за преглед, или по одреден број прегледи во месецот, но беа одбиени за ваквото барање.

– Преглед во 1992 година изгледаше вака: „Добар ден докторке нешто не сум добар, видете што треба?“. Сега изгледа вака: „Дај ми упат за рендген сакам да видам ногата зошто ме боли“. Потоа јас објаснувам дека болката може да е поради затнување на крвните садови, а тоа го покажува и медицинската историја, и дека мора да се направи доплер, а пациентот е упорен. На крајот по половина час убедување го праќам на доплер и излегува дека има 50 проценти опструкција. Не ми значи тоа што сум во право, битни ми се пациентите и нивното здравје, но верувајте, кај нас има многу влезови на пациенти. И само двајца вакви да имате во текот на денот отиде вашата енергија – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова.

Таа објаснува дека има и пациенти што непотребно доаѓаат на лекар. На пример за да им се измери притисок. И за тоа бараат средба со лекарот.

Д-р Чолакова-Дервишова смета дека ако пациентите плаќаат симболично кај матичниот тоа ќе влијае на почитта кон лекарот.

– Мислам дека сега сите мислат дека знаат повеќе од докторите, но кога ќе почнат да плаќаат барем нешто за влез ќе се врати почитта кон нашето знаење, факултетот што е најдолг и книгите што се прочитани и научени – вели таа.

Пациентите, додава, за медицина учат од социјални мрежи.

– Медицина од Фејсбук не се учи. Матичниот доктор не е продавница за исполнување желби – додава д-р Чолакова-Дервишова.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари