Наместо еден, пијат и по шест лека дневно
Превентивните прегледи ја зголемија употребата на лекови

Љубица Балабан
Во аптеките од пред неколку дена има повеќе лекови на рецепт што се на товар на Фондот за здравство – инфузијата изнесува 80 милиони денари, а тоа значи дека секоја од 724-те аптеки во земјата ќе може да издаде повеќе лекови, и тоа во месечен износ од 26.000 денари. Лекарите алармираат – зголемените количества лекови нема да останат на рафтовите на аптеките бидејќи потрошувачката на лекови се зголемува – с` повеќе граѓани на помлада возраст почнуваат да пијат лекови. Така, ако порано пациентите пиеле најмногу по 2-3 лека дневно, сега дозата е една рака лекови бидејќи се пијат и по 5-6 лека секој ден!
Порано одат на прегледи
Од Здружението на приватните лекари на РМ ја поздравуваат одлуката со која пациентите ќе имаат на располагање повеќе лекови на рецепт и потврдуваат дека во последните години е с` поприсутен трендот – с` повеќе и помлади граѓани да пијат лекови.
– Лани имаше доволно лекови на рецепт за осигурениците и немавме реакции, но во последните 10 месеци пациентите ни сигнализираат дека веќе од кај 20-ти во месецот во аптеките не може да ги најдат некои од лековите што се на товар на Фондот за здравство. Ние издаваме доза која е нивната месечна терапија, а нам отпрвин не ни беше јасно од каде се јавува овој недостиг од лекови кога бројот на населението се намалува. Но ние забележуваме дека во последно време свеста кај граѓаните е подигната – тие порано се јавуваат на лекарски прегледи, по што се откриваат заболувања и состојби, па повеќе лекови треба да им се препишуваат. На пример, ако порано оделе на лекар на 50 или 60-годишна возраст или некои целиот живот не оделе на преглед, сега со превентивните активности населението сака да си го провери здравјето – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.
Таа нагласува дека, од друга страна, во практиката забележуваат и друга разлика – ако порано пациентите пиеле најмногу по 2-3 лека, сега пијат и по 5-6.
– Најчесто се земаат лекови за измокрување, за зголемен крвен притисок, за предијабетична состојба или веќе за дијабетес, за смирување, за срце. Па навистина се чини како населението да е поболно отколку порано – секој втор-трет пациент што влегува во ординација има шеќерна болест, но и висок крвен притисок – дали темпото на живеење е причината за ова или фамилијарните проблеми, стресот, нездравиот начин на живеење и друго – вели д-р Чолакова.
Дебелината сè почеста дијагноза
Таа додава дека с` почеста дијагноза е и дебелината, која предизвикува и други здравствени проблеми.
– Речиси сите забележуваме дека населението е с` подебело – ако порано во цела генерација имало едно до две покрупни и подебели деца, сега, за жал, тоа е масовна појава која може да предизвика сериозни проблеми уште на помлада возраст – се јавуваат дијабетес, зголемен притисок и други заболувања, па поради с` поголемиот број пациенти со овие дијагнози, с` поголема е и потребата за препишување лекови. Но ние, матичните лекари, сме единствените што имаме квоти за препишување лекови на годишно ниво. Предлагаме со помош на електронското здравство да се отстранат квотите и по електронски пат да се следи кој колку лекови препишува, а да се тргнат ограничувањата кај матичните лекари. Не може аптеките да имаат зголемени квоти за лекови и на годишно ниво да не ги пречекоруваат, а ние да имаме ограничување на рецептите. Електронското следење може токму да се примени за рационалноста во препишувањето лекови – нагласува д-р Чолакова.
На прашањето дали зголемувањето на квотите за лекови во аптеките ќе значи дека и матичните лекари ќе имаат право да препишуваат повеќе лекови, од Фондот велат:
– На почетокот на годината квотите за рационално препишување лекови им ги зголемивме 20 отсто, а ова последното е колку аптеката ќе може да издаде повеќе лекови. Матичните лекари немаат пречка бидејќи веќе им е им е дадено правото да препишуваат повеќе лекови и тоа во вредност од една петтина – велат од Фондот.
За еден граѓанин 16 рецепти годишно
Минатата година се потрошени речиси 21 милион лекови на рецепт што ги реализирале 1 милион и 300 илјади граѓани, односно по 16 за секој граѓанин. Буџетот за лекови на рецепт во 2003 година изнесувал 1 милијарда денари, во 2008 година 1,5 милијарда денари, во 2013 година 2,1 милијарди денари. Новиот буџет за лекови на рецепт што се на товар на Фондот за оваа година ќе изнесува 2,55 милијарди денари наместо досегашните 2,46 милијарди денари, велат од Фондот и додаваат дека оваа инјекција од 80 милиони денари особено ќе ја почувствуваат малите аптеки за кои овие средства значат сериозно зголемување на нивните квоти.
Коментари (1)





И другиот проблем е што во една скатула се пакувани по 15-20 таблети, а за месечна терапија се потребни 30 таблети или ако е два пати во денот – 60 таблети.