Велешани први ќе ја користат електронската здравствена картичка

Се тестира системот на Интернет или веб-сервисот преку кој ќе комуницираат лекарите и аптекарите откако ќе се воведат електронските здравствени картички. Во Фондот за здравство очекуваат тестирањето да заврши до крајот на месецов. Тогаш велешани треба да ги добијат картичките и да почне нивната примена. Тие ќе се делат и во другите градови, но таму во прво време картичката ќе се користи само како замена за сини картони

Граѓаните на Велес први ќе ја користат електронската здравствена картичка. Велес ќе биде пилот-град во кој во целост ќе почне да се користи картичката, која личи на кредитните и треба да биде замена за хартиените здравствени книшки. Од Фондот за здравство информираат дека веќе се тестира системот на Интернет или веб-сервисот преку кој ќе комуницираат лекарите, а лекарите веќе ги добиваат читачите на картички. Таму очекуваат дека до крајот на месецов ќе заврши тестирањето. Тогаш, како што дознаваме, велешани ќе ги добијат картичките и ќе почне нивната примена. Картички ќе се делат и во другите градови, но, за разлика од Велес, во прво време картичката ќе се користат само како замена за сини картони.

Велес има околу 75.000 осигуреници и бил избран за пилот-град поради тоа што има средена подрачна единица на Фондот за здравство и добра комуникација меѓу здравствените работници.

– Програмата е инсталирана и веќе ја користиме, т.е. вежбаме. Има многу позитивно расположение кај колегите околу воведувањето на картичката. Преку новиот систем веќе праќаме и упати до специјалистите, а забелешките што ги имаме ги предочивме за да се поправат – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари и матичен доктор во овој град.
Додека во Велес трае пилот-проектот, картичките ќе се делат на осигурениците од другите градови. Веќе ги добија 850 вработени на Фонд за здравство, наскоро ќе бидат издадени за лекарите, а потоа треба да ги добијат вработените во големите фирми, невработените и пензионерите.

– Вработените ќе ги земат преку фирмите во кои се вработени, невработените од шалтерите на подрачните единици на Фондот за здравство, а пензионерите ќе ги добијат преку матичните лекари – вели Бранко Аџигогов, портпарол во Фонд за здравство.

Матичните лекари веќе почнале да ги проверуваат податоците што ги имаат за пензионерите. Во Фондот се надеваат дека наместо со сини картони, две третини од населението до крајот на годината на лекар да одат со бесплатна картичка.

Како ќе се користат картичките?

Кога ќе почне целосната примена на картичките во целата држава, граѓаните кога ќе одат на лекар ќе треба да ги носат само нив. Во секоја ординација ќе има по два читачи на картичките, а за да ракуваат со нив, здравствените работници ќе имаат посебна картичка на која ќе бидат нивните податоци, но и ќе им служи да работат во системот. Така, кога ќе ја стават електронската здравствена картичка во читачот, на посебен дел од веб-сервисот ќе видат дали свети зелено или црвено, т.е. дали се платени или не здравствените придонеси на пациентот. Затоа и нема да има потреба од сини картони.

– Кога ќе биде подготвен интегрираниот здравствен информатички систем, сосема ќе се исфрлат од употреба здравствените легитимации. Се надеваме дека тоа брзо ќе се случи – велат од Фондот.
На електронската картичка ќе бидат запишани и крвната слика и дијагнозите на пациентите, ќе стојат и упатите и рецептите. Така, кога болниот ќе добие препорака за лек, аптекарот само ќе прочита од неа во системот и ќе го издаде, а кај специјалистот нема да треба да се носи упат А4-формат.

Здравствените власти очекуваат во првата година од користењето на картичката да се заштедат 10 милиони евра.

Инаку, проектот за одење на лекар со картички наместо со книшки ги надмина првично најавените рокови. Со првата најава граѓаните требаше да ги имаат уште лани, до февруари, но пилот-проектот за нејзина употреба во 12 ординации почна дури во мај минатата година.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Извор: Нова Македонија

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари