Системот ги блокира матичните лекари да издаваат приоритетни упати
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДЕФЕКТ НА “МОЈ ТЕРМИН”
Матичните лекари објаснуваат дека некогаш не можат да издадат приоритетен упат за скопските клиники, бидејќи системот им јавува дека таа опција не е достапна
Пациенти се жалат дека последниве неколку месеци не можат да добијат приоритетен упат за скопските клиники. Тие велат дека се случува поради итна состојба, да не можат да чекаат редовен термин преку електронскиот систем за закажување прегледи и оти им е потребен приоритетен упат, но дека матичните лекари не можат да им го издадат.
“Минатата недела ми требаше приоритетен упат за татко ми за Клиниката за пулмологија, но матичната лекарка не можеше да ми издаде, вели самиот систем јавува дека таа опција не е можна. Тој има хронична белодробна болест, но состојбата нагло му се влоши, и не можеше да чека редовен термин за преглед. Од друга страна, пулмологот што го води на Клиника вели дека не може да му издаде итен упат за да го прегледа, бидејќи со итен упат треба да го хоспитализира, а тој не е за хоспитализација”, вели С.Д. од Скопје.
Слични проблеми пациентите имаат и со приоритетни упати за останатите скопски клиники.
Д-р Лилјана Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, вели дека од здравствените власти немаат забрана или ограничување да пишуваат приоритетни упати, но оти често се случува опцијата за издавање приоритетен упат преку електронскиот систем за закажување да биде блокирана. Таа објаснува дека не им е јасно што се случува, дали самиот систем ја блокира опцијата или од самата клиника тоа е блокирано поради претходно многу закажани прегледи.
“Се случува да не можеме да издадеме приоритетен упат, најчесто кон Патофиза, Неврологија и Психијатрија, но и кон останатите клиники. Самиот систем ја блокира таа опција. Се случува да не можеме пациент да пратиме на лекарска комисија за продолжување на боледувањето, бидејќи не можеме да издадеме приоритетен упат, а во мој термин нема резон да му закажуваме. На пациентите со влошена состојба сега мора да ги препратиме кај интернист во секундарно здравство кој дава приоритетен упат, вели д-р Чолакова – Дервишова.
Таа објаснува дека можеби дел од проблемот е што на одредени оддели има доктори кои постојано имаат термини, а други кои имаат многу малку термини за закажување во текот на месецот.
Од одделот за електронско закажување прегледи “мој термин” при Министерството за здравство велат дека неможноста матичните лекари да издадат приоритетен упат не се должи ниту на дефект во системот за закажување ниту на ограничено издавањето вакви упати.
Неможноста да креираат упат со повисок приоритет може да биде од неколку причини: ако постојат редовни термини во истиот ден за лекарите; ако е во дефект апаратот на кој треба да се прави некое испитување или ако специјалистот е отсутен; ако матичниот лекар, надвор од неговите законски овластувања, ги прескокнал специјалистите од секундарно здравство. Лекарите што имаат проблем или дилема, можат да нè побараат на линијата за техничка поддршка, велат од “мој термин” при Министерството за здравство. (Е.А.)




