Демант на ФЗОМ
Почитувани,
во врска со текстот – истражувачка сторија, насловен „државното ин витро не е ниту бесплатно ниту брзо“ , објавен нa www.prizma.birn.eu.com од новинарот Владе Ѓорчев,
сакаме да ги демантираме одредени факти кои ги има „констатирано“.
1.Зборовите како „трнливи патишта“ , „голгота“ и слично , поврзано со административната процедура за добивање на ваучер за ин витро од страна на ФЗОМ се неточни, некоректни и тендециозни.
2.Комисијата за ин витро во ФЗОМ која е составена од внатрешни и надворешни лица- доктори, има рок за решавање. Иако во правилникот за ин витро нормално дека не се опишани рокови, секој кој имал допирна точка со било која државна институција знае дека се работи согласно роковите од ЗОУП. Зашто го изоставате овој факт, не навлегуваме, но комисијата за ин витро во просек за 15 дена одлучува по предметите. Значи за две недели парот има одговор. Овој начин на работа е од 2011 година и досега ниту еден пар не се пожалил дека законските рокови се пробиени.
3.Констатциите кои сте ги изнеле врз основа на кажувања на др. Гуржанова, на секој кој имал допирна точка со здравствен систем му се јасни и нормално е дека неможе да се прават упатувања, испитувања и други процедури во установи со кои фондот нема склучено договор, но фондот и те како се согласува со констатацијата дека секој пар е различен, па баш поради тоа правилникот на фондот за инвитро побарува различни типови на испитувања во зависност од типот на стерилитет со кој се соочува парот.
4.Дополнително констатацијата од др. Ивановски дека на секој пар се бараат 4 инсеминации се апсолутно неточни. Правилникот за инвитро во зависност од типот на стерилитет побарува 0,2 или 4 инсеминации. Кај апсолутните индикации за ин витро, инсеминации не се потребни.
Колку за информација за вашите читатели, правилникот за ин витро е направен врз база на медицина базирана на докази, истиот го креираа во 2011 година сите доктори во Македонија кој се занимаваа со ин витро во тој момент, работната група имаше 12 надворешни членови меѓу кои беа најпознатите и најзвучните имиња за ин витро во Македонија, меѓу нив беа и шефовите на докторите кои коментираат во вашиот текст.
За крај, би сакале ние да констатираме дека текстот генерално е тенденциозен, прави забуна кај брачните парови кои во иднина треба да започнат ин витро постапка, а самава истражувачка сторија е површна во поглед на тоа што е ин витро постапка, а што е докажување на стерилитет.
Самото докажување на стерилитет кај брачен пар кој нема никакво заболување или медицинска состојба согласно медицината трае околу 2 години. Откако ќе се докаже, истите документи (спермограми, испитувања, снимки, вирус маркери) се потребни за поднесување во фондот, повторуваме никаков дополнителен документ освен барање за ин витро, а нашата комисија решава за 2 недели. Нормално ако нема документи и парот ги изгубил, комисијата ќе ги побара, затоа што ваучерот во вредност од 80.000,00 денари не се издава на „жими мајка“.
Се надеваме дека друг пат кога се пишува на ваква сензитивна тема новинарот навистина ќе направи истражување и увидување на вистинската состојба и нема да ги поистоветува ин витрото, докажувањето на стерилитет, партиципација, упатување на „приватно“ , приватни прегледи, а воедно и најинтересното барање за фондот кое сме го слушнале изминативе години – да бидат покриени трошоците за телефон, паркинг и бензин ?!?!
Со почит,
ФЗОМ




