Некои почнуваат да пешачат и по 10 км на ден, а за други еднаш се живее

Па еднаш се живее… и јас не сакам да ги оставам цигарите, ниту да ослабам, иако резултатите ми покажаа висок ризик од инфаркт или мозочен удар во наредните 10 години. Се исплашив, ама што да правам кога такво ми е темпото на живеење. Вака реагирале некои од пациентите на возраст од 35 до 56 години кај кои со последните превентивни прегледи кај матичните лекари било откриено дека од нив кај 172 мажи и една жена има висок ризик да починат од инфаркт или мозочен удар во следните десет години. Kомпјутерската програма со која располагаат матичните лекари ги определува пациентите со висок ризик од смрт од инфаркт и мозочен удар.
Но, повеќето од нив сепак сериозно ги сфатиле овие испитувања, нагласуваат лекарите.
За среќа, има пациенти кои кога слушнаа колкави им се шеќерот и маснотиите во крвта, почнуваа да внимаваат на своето здравје – со секое доаѓање во ординација се мерат на вага дали ослабеле, а порано бегаа кога ќе им кажевме да се измерат! Тие, по последните лабораториски анализи, решија да го сменат животниот стил и самите да придонесат за своето здравје – пешачат и по 10 километри на ден, менуваат начин на исхрана и внесуваат помалку маснотии и друго.
Но, има и такви што одбиваат да ја зголемат физичката активност и натаму се дебелеат, а велат дека не можат ниту цигарите да ги остават. Сметам дека затоа веќе треба и системско решение да се понуди – станавме нација со најмногу пушачи – па наместо да се намалува нивниот број, тој се зголемува – никогаш досега не било секоја втора жена да пуши. Тие навики мора да се сменат и тоа со едукација уште од мали – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари.
Таа нагласува – секој пациент треба сериозно да ги сфати овие прегледи и можните опасности за здравјето, кои не се воопшто наивни.
– Доколку лицето е пушач – со самото тоа спаѓа во ризични пациенти – или ако прележал инфаркт или мозочен удар и веќе има артеросклеротични промени на крвни садови. Тие уште на самиот почеток, особено ако се постари од 40 години, се со многу висок ризик да добијат срцев или мозочен удар. Сите повозрасни лица што пушат цигари имаат зголемена тежина, плус ако анализите покажат и високо ниво на триглицериди, односно имаат повеќе ризик-фактори, медицината предупредува дека сето тоа го оптоварува организмот. Се почесто на овие прегледи откриваме пациенти со високо ниво на шеќер и маснотии, со т.н. метаболичен синдром – кај нив поради маснотиите и шеќерот е нарушена и микроциркулацијата, која може да доведе некој тромб да се откачи или да направи исхемична зона, што може да предизвика мозочен удар или други испади. Се поврзано, па затоа секој пациент треба да се обиде со промена на животниот стил да ги намали ризик-факторите на кои може да влијае ако веќе не може на наследниот фактор – нагласува д-р Чолакова.
Низок ризик од појава на срцеви заболувања беше откриен кај 19.000 жени и 5.700 мажи, а среден кај 10.000 мажи и 5.000 жени.
Kомпјутерот ги покажува ризичните пациенти
Матичните лекари појаснуваат како се проценува кој е ризикот за пациентите по направените превентивни прегледи кај речиси 40.000 пациенти, овој пат во најпродуктивната возраст.
– Ние во нашиот софтвер имаме воведени готови скали и таму се внесуваат сите параметри од превентивните прегледи договорени со Фондот за здравство – значи, резултатите од лабораториските испитувања на крвта со кои ги дознаваме вредностите за нивото на шеќерот во крвта, мастите, холестеролот, креатининот. Плус на секој пациент му го мериме крвниот притисок, правиме и ЕKГ-преглед на срцето. И кога, заедно со податоците за неговата возраст, висина, телесна тежина, обем на половина, дали е пушач – ќе се внесат сите параметри, самата компјутерска програма со која располагаат сите матични лекари го определува автоматски ризикот во кој се наоѓа лицето што се испитува. Податоците од прегледите потоа се испраќаат во Фондот за здравство – појаснува д-р Чолакова.




