Увозното масло од канабис ќе биде поевтино во аптеките, сега на црно е од 45 до 70 евра за шприц

Маслото од канабис што наскоро ќе почне да се увезува во земјата и да се продава легално во аптеките, ќе биде поевтино отколку што сега се набавува на црниот пазар – по цена од 45 па до 70 евра за еден шприц, количеството која кај некои состојби е доволна за двонеделна терапија. Освен што ќе биде поевтино, пациентите кои го користат очекуваат овој производ, кој сега легално ќе се набавува и продава, да биде и сигурен и квалитетен. Во меѓувреме, за матичните лекари веќе се одржуваат предавања за маслото од канабис, за кои има голема заинтересираност.
Најмалку шест месеци за домашно производство
Освен заболените од малигни заболувања и дел од родителите чии деца имаат епилепсија, чекаат со нетрпение кога и во аптеките кај нас ќе може да се купи овој препарат. За почеток, тоа ќе биде масло од канабис од увоз, потврдуваат од Агенцијата за лекови, додека и кај нас не почне истото да се произведува, на што ќе треба да се почека најмалку шест месеци.
Мајка на 14-годишно дете со епилепсија од Скопје, која минатата година почнала да му го дава маслото од канабис на синот, раскажува:
– Сега плаќаме од 45 до 70 евра за кубик од маслото од канабис што с` уште го набавуваме на црно – толку содржи шприцот. Бидејќи на син ми му давам по два пати дневно, тоа количество е доволно само за 15 дена. Едвај чекаме да можеме слободно да го купиме во аптеките кај нас, а не нелегално како досега. Го набавуваме преку луѓе оттука, еднаш пратката беше од Србија, но имаше и од Холандија, а „на црно“ купивме и масло произведено во Македонија. Најважен е квалитетот зашто сега не сме сигурни ниту каков е квалитетот и концентрацијата на маслото од канабис кое мораше незаконски да го набавуваме. Оти некои се поразредени со маслинов зејтин и тогаш и дозата на ТХЦ се намалува, што се одразува и на ефектите – раскажува оваа скопјанка.
Таа нагласува дека токму затоа и се бараше да има легализација – да има овластени производители кои ќе гарантираат за квалитетот и сигурноста на производот.
– Kај син ми, на пример, го користиме од јули лани и се намали бројот на епи-нападите, а не му даваме никаков друг антиепилептик. Но тоа не му го пријавивме на лекарот. Проблем е што сега не е дефиниран ниту начинот на дозирање, а кога ќе почнат да го препишуваат лекарите кај нас, веруваме и тоа ќе се среди. Тоа е нашето искуство – вели оваа мајка, која се надева дека што побрзо во аптеките ќе се најде и домашното масло од канабис, „кое велат дека е меѓу најквалитетните бидејќи конопот е подобар“, но за тоа треба да поминат најмалку шест месеци.
Наскоро барања за издавање дозволи
Додека не почне производство на маслото од канабис и кај нас, од Агенцијата за лекови и медицински средства потврдуваат дека тоа ќе може и да се увезува.
– Маслото од канабис што содржи до 0,2 отсто ТХЦ ќе биде слободно во продажба, а над 0,2 отсто ТХЦ ќе мора да се издава на рецепт. Kога заинтересираните ќе поднесат барање за увоз, ќе знаеме од која земја доаѓа. Нема ограничувања, само мора да има сертификат и производот ќе подлежи на контрола пред пуштање во промет. Очекуваме цените да бидат пониски – вели мр.фарм.спец. Марија Дарковска-Серафимовска, директорка на Агенцијата за лекови и медицински средства.
Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој ја регулира оваа област, почна да важи во почетокот на март, a со него екстрактите од канабис освен што ќе може да се произведуваат кај нас во Македонија, ќе може и легално да се увезуваат, но исклучиво за медицински цели. Маслото од конопово семе што ќе се увезува или произведува во земјата нема да смее да содржи повеќе од 10 мг/кг тетрахридроканабинол (ТХЦ).
По изготвување на правилниците што ќе ја регулираат оваа област, ќе може да се поднесуваат и барањата за издавање на дозволите.
Голема заинтересираност за предавањата за маслото од канабис
Матичните лекари веќе одат и на предавања за маслото од канабис. Инаку, овој препарат ќе имаат право да го препишуваат на рецепт само некои специјалисти.
– Имаше голема заинтересираност за предавањата на работилниците во Kрива Паланка, Kратово, Велес и во Скопје. Лекарите се интересираа која е дозата што би можело да се дава на пациентите и за кои индикации – дали освен кај малигни заболувања може и за главоболки, мигрени, глауком. Немаме уште официјални информации, но ги следиме реформите и навреме организираме презентации. Чекаме инструкции од Министерството за здравство и од Агенцијата за лекови – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари.




