Се лекуваме со внатрешен увоз на доктори
Д-р Митко Гетов е матичен гинеколог во Валандово, но во исто време е и гинеколог во валандовското вонболничко родилиште
.jpg)
Во изминатите неколку години имало 2.000 нови вработувања во сите јавни здравствени установи
Д-р Митко Гетов е матичен гинеколог во Валандово, но во исто време е и гинеколог во валандовското вонболничко родилиште. Спие со два телефони до себе. За него нема ден и ноќ, зашто не може да се предвиди кога некоја жена ќе почне да се породува. Така, излетува од постела среде ноќ, итно се враќа од пат, го напушта одморот… Д-р Гетов е единствениот ваков лекар во овој град.
И Валандово веројатно има среќа, ако се земе предвид дека 45 општини немаат гинеколози. Но тие не се единствените што недостигаат во нашите здравствени установи. Први на листата дефицитарни специјалисти се анестезиолозите и педијатрите.
За да го реши проблемот со недостиг од лекарски кадар, Министерство за здравство има неколку проекти што треба да дадат резултати на подолг рок. Дотогаш враќа лекари во државното здравство или ги префрла да работат од една во друга установа. Практично, проблемите ги лекуваме и со внатрешен увоз на доктори.
– Струмица, Валандово и Гевгелија со околните места и 150.000 жители имаат само седум матични гинеколози. За овие градови нема колеги на специјализација што би работеле како матични гинеколози. Берово има еден, исто како кај нас. Како изгледа работата? Претпоставете, зашто раѓањето не избира време. Јас ќе ви кажам дека постои неризична бременост и неризично раѓање, ама за тоа се заклучува ретроградно, откако ќе се случат – вели д-р Гетов.
Тој просечно дневно прави по повеќе од 30 прегледи на жени, а минатата година во родилиштето се родиле 50 бебиња.
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози и акушери, вели дека недостигот од гинеколози е огромен проблем.
– Вкупно 45 општини немаат гинеколог. Во Скопје се пензионираа петмина и 25.000 жени останаа без матичен. Овој проблем е многуслоен – вели докторот.
За скоро време во источна Македонија речиси и ќе нема педијатри, па ако не се обезбедат, алармира д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, децата ќе треба да ги преземат матичните лекари. – Таму повеќето педијатри се пред пензија, па товарот ќе падне на матичните лекари. Јас постојано сум на терен. Во Кичево нема уролог, а во Велес се увезуваат уролози од Штип. Во Гевгелија, на пример, исто работат гинеколози од друго место. Немаат ни анестезиолози, па отстрана доаѓаат. Во Велес еден гинеколог ќе ја одложи пензијата… Проблеми има на повеќе места и мора активно да се решаваат – вели д-р Чолакова-Дервишова
Министерството за здравство, велат оттаму, е постојано фокусирано на зајакнување на човечкиот потенцијал во јавните здравствени установи и затоа во континуитет се доделуваат специјализации од повеќе области во медицината и за во државата и за во странство.
– Посебен акцент имаме ставено на специјалистичкиот кадар, кој во моментов е дефицитарен, како на пример анестезиологија со интензивно лекување, педијатрија, гинекологија и други области – велат од Министерството.
Оттаму не добивме конкретни броеви за тоа колку кадар недостига и точно каде.
Некои од мерките со кои Министерството очекува да се дополни медицинскиот кадар се кофинансирање приватна специјализација за здравствени работници што не се вработени во јавна здравствена установа, како и програма за кoфинансирање специјализација по педијатрија и гинекологија и акушерство.
– Владата ќе носи програма за кофинансирање специјализации и супспецијализации со која ќе се определуваат бројот и видот на кофинансираните приватни специјализации за секоја установа посебно. Здравствените работници што не се вработени во јавна здравствена установа имаа можност да се пријават на јавен оглас за запишување на кофинансирана приватна специјализација, односно супспецијализација, за која дел од надоместокот ќе покријат самите, а дел државата – објаснуваат од Министерството.
Дополнително, со програмата за кoфинансирање специјализација по педијатрија и гинекологија и акушерство е предвидено докторите на медицина што навреме ќе ја завршат специјализацијата, да имаат гарантирано склучување договор со Фондот за здравство за избран лекар-специјалист, а за нив капитацијата ќе се пресметува стимулативно.
– Постојано се зголемува бројот на специјализации што се обезбедуваат, па, така, во споредба со 2004 година, кога имаше по триесетина специјализации, само со најновиот оглас на Медицинскиот факултет во Скопје за оваа година се обезбедени вкупно 308 специјализации и 75 супспецијализации. Првпат овозможивме специјализација на македонски доктори во реномирани медицински центри во Германија, Хрватска и во Србија (околу 70) – објаснуваат оттаму.
Со проектот за едукација на медицинскиот кадар во странство, над 2.000 здравствени работници се веќе едуцирани во реномирани медицински центри во голем број држави во Европа, САД, Австралија.
– За речиси 25 проценти е зголемена платата на докторите-специјалисти од универзитетските клиники, а претходно беше зголемена платата и на докторите од општите и клиничките болници. Како што најавивме, во 2016 година се зголемува платата на докторите-специјалисти од здравствените домови и специјалистите од центрите за јавно здравје. Општите лекари ќе имаат зголемена капитација од 1 јули 2016, а за стоматолозите оваа мерка започна да се применува од 1 јануари 2016. Дополнително, со преземање специјалисти од приватно во јавно здравство досега преминаа 200 „готови“ специјалисти – велат од Министерството.
Во изминатите неколку години, велат, имало 2.000 нови вработувања во сите јавни здравствени установи низ државата и дополнителни над 2.000 лица биле вработени на неопределено време со трансформацијата во редовен работен однос.
– Сите овие мерки и реформи се за навремено обезбедување млад кадар на местото на докторите што ќе заминат во пензија, односно за секој пензиониран доктор да има не само еден туку повеќе доктори што ќе го заменат во обезбедувањето нови здравствени услуги, методи и интервенции – објаснуваат оттаму.




