Повторно се бараат лекари за вработување во селата

Извор, Богомила, Иванковци и Страцин чекаат матични лекари да се јават на огласот

Дали повеќе од 20.000 жители во населените места Извор, Мерово, Арбанашко, Богомила, Иванковци, Страцин и неколку други ќе добијат шанса да изберат матичен лекар во местото на живеење или и понатаму ќе мора да патуваат за здравствена услуга до градовите, ќе се знае до крајот на неделата. Тогаш завршува огласот на Министерството за здравство за вработување 20 матични лекари во рурални амбуланти, кои, според наведените услови, од Фондот за здравство месечно ќе добиваат надомест од 60.000 до 90.000 денари. Но, износот не е фиксен како пред неколку години, туку зависи од бројот на пациенти, на пример – ако лекарот го изберат до 50 пациенти, ќе има право на капитација од 50.000 денари, плус стимулација. Лекарот ќе добива и дополнителна сума пари за гориво за поминати над 25 километри, кои има обврска да ги помине за да им укаже здравствена заштита на своите пациенти.

На прашањето дали бенефициите што се понудени ќе бидат доволна причина огласот овој пат да биде и реализиран, со што во повеќето од руралните места и би била отворена ординација, од Здружението на приватните лекари на РМ велат – се сомневаме. – Еве, во велешкиот регион нема слободни лекари, а и тука има слободни места за вработување – во Иванковци, Извор, Богомила. Тоа се амбуланти каде што порано имало доктори, а сега се празни и тоа подолго време. Недостигаат лекари – тоа е факт, а се сомневаме дека местата ќе се пополнат и на овој оглас за вработување зашто тешко некој од колегите да се пријави. Младите колеги учат и – бегаат во странство. Еве имаме две-три докторки во Велес, но едната ќе се префрли во Скопје, а другата заминува да работи во странство. Месечните износи што ќе ги добиваат лекарите не се мали, но има многу давачки на почетокот кога се отвора ординацијата, без разлика дали е во село или град, затоа постојано нагласуваме дека здравството е скапа работа – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа додава:

– Од она што го гледаме на теренот, за да има поголем одѕив од младите лекари и за да ги задржиме да останат во земјата, треба суштински да се направи нешто што ќе биде системско решение. За некој лекар да се согласи да се вработи на село, треба да му се понуди и плус стимулација – како можност за специјализација по неколку години, на пример, за да бидат стимулирани и да конкурираат за отворање ординации и во селата – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Од Министерството за здравство вчера не одговорија дали и колку заинтересирани лекари се пријавиле на огласот кој е објавен пред пет дена. Ова не е прв обид за вработување лекари во селата.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари