Пациенти си играат поголеми доктори од лекарите

Снимај, да видам што имам во главата

Лекарите често си имаат мака со оние што се информирале за одредени болести или состојби на Интернет

Влегуваат во ординација со дијагнози што сами си ги поставиле, „удираат по маса“ за анализи, снимки или интервенции што сакаат да им бидат направени, а неретко докторите долго им ја смируваат паниката дека немаат рак. Лекарите често си имаат мака со оние што се информирале за одредени болести или состојби на Интернет, па непотребно ги поврзале со себе, но и такви што прочитале за некој „спореден“ симптом, а си умислиле дека имаат тешка болест. Лекарите се жалат дека сето ова сѐ повеќе станува дел од нивната практика и дека мора да потрошат многу време од прегледот во смирување и разубедување.

Докторите велат дека некои пациенти одат дотаму што бараат конкретни методи за операции, сосема непотребно и неоправдано.

На Интернет може да се најдат многу веб-страници со апликации во кои во формулар само ги внесуваш своите симптоми, стискаш „ентер“ и програмата ти дава листа на можни болести во кои ги има твоите симптоми.

– Но тоа не значи дека си болен од сите тие болести. Работите мора да се стават во контекст – потенцира Лилија Чолакова-Дервишова, матична докторка во Велес и претседателка на Здружението на приватните лекари.

Не залудно, вели таа, постојат лекари што долго ги изучуваат медицинските науки.
– Да беше сѐ толку едноставно немаше да постојат лекари. Медицината не е неколку реда на Интернет, а читањето колку што е добро, толку може и да не е – објаснува докторката.

Д-р Чолакова-Дервишова раскажува дека имала пациенти со главоболка што се убедиле дека имаат тумор на мозокот и итно барале снимка на главата и такви што испаничиле дека имаат рак на дебелото црево.

– Некогаш снемуваш сила во убедувањето. Имав жена со остеопороза, која инсистираше на магнетна резонанса убедена дека нешто не ѝ е во ред со грбот. Многумина сметаат дека знаат повеќе од нас – вели таа.

Влегуваат во сала со веќе изгледани снимки за некоја интервенција, раскажува проф. д-р Смиља Туџарова, директорка на Клиниката за пластична хирургија, и знаат како ќе се одвива чекор по чекор.

– Имавме скоро такви пациенти дојдени за циркумцизија. Исто пред некој ден ми се јави девојка кај која треба да ставаме импланти-силикони во дојките да ме информира дека одлучила да се постават под мускулот. Каде ќе се постави силиконот си има свое зошто и затоа. Кога ја прашав зошто, ми рече многу читав и така одлучив, така сакам – вели професорката.

Потенцирајќи дека прво ги смируваат, а потоа работат со нив, проф. д-р Сашо Стојчев, директор на скопската општа болница „8 Септември“, вели дека непотребно вознемирените пациенти, но и „своеглавите“, се огромен проблем во работењето на докторите. Чекалниците се полни, па убедувањето знае да биде и луксуз во времето, ако имаш предвид дека надвор може да чека и многу поболен.

– Тоа е што е, а наша работа е да ги смириме овие луѓе прво. Но, имаме ситуации што се тешки за решавање. Јас пред некое време имав пациент што тукутака дојде со заповед да го снимаме за да види што има во главата. Има такви што не само што си поставиле дијагноза, туку имаат листа на испитувања што сметаат дека треба да се направат – вели д-р Стојчев.

Тој раскажува и за закани и за скандали од болни или нивни блиски.

– Вчера сопруг на пациентка ми се закани дека ќе ми ги скрши очилата ако не направиме компјутерска томографија. Некогаш си велам да можевме да поставиме камери со аудиозапис, за да се чуе со што се соочуваме. Но, секако нема дозвола за тоа – додава докторот.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари