Состанок ЗПЛРМ – Велес
ЗПЛРМ-Здружение на приватни доктори во РМ, ЗПЛРМ кое постои преку 23 години и во континуитет се грижи за проблемите на докторите и секогаш активно учествува во креирање на здравствената политика на РМ….
На ден 21.10.2015 година членовите на ЗПЛРМ од Велес од примарно и секундарно здравство, заедно со претставници на приватните стоматолози одржаа состанок на кој дискутираа за еден многу голем проблем кој го тангира приватното здравство. Што кога приватен доктор ќе се разболи подолготрајно? Што кога не може да се најде замена? Што кога млад специјалист отиде на породилно, што ќе биде со неговата амбуланта?
Дискусиите беа многубројни и отприлика се движеа во правец да закони и правилници кои уредуваат активност на оваа фела мора да се менуваат за да не дојде до дестабилизирање на примарното здравство.
Предлози – ФЗОМ да помогне со наоѓање на невработен доктор од друг дел на РМ. (Во Израел државата веднаш пополнува со недостаток на кадар дали е доктор или медицинска сестра)
Мора да се работи на групирање на приватните доктори, дали во акционерски друштва или поликлиники и да се дозволи слободно движење внатре во тие институции, исто како во јавното здравство. (На пример интернист од Велес оди во Неготино, доктори од Ново село дежураа во Струмица, уролог од Штип оди во Велес, трансфузиолог од Прилеп оди во Велес и ред други примери).
Зошто да не може и колегите од приватно здравство кога има потреба, за да се одржи здравствениот систем да не можат да си помогнат едни на други со одење во ординацијата каде треба да се помогне?
Во Уставот на РМ пишува дека јавно и приватно здравство се еднакви пред Уставот на РМ.
Предлози кои ги дадоа колегите се следните:
Ако колега добие инсулт или се разболи од некој малигнитет, кога има потреба од подолготрајно боледување – Капитацијата мора да продолжи да се исплаќа на ПЗУ то, за да може сопственикот да продолжи да плаќа персонални давачки, за фирмата, за вработената медицинска сестра. Или да се префрли целата капитација кај замената од друга амбуланта и таа да ги плаќа сите давачки за болниот доктор се до негово вработување, но и да ја превземе медицинската сестра од кај болниот колега, се донегово заздравување. Само така приватниот доктор ќе има сигурност во животот, после долготрајно боледување да се врати на работа и да си продолжи таму каде што запрел, а не да почнува од нула.
Кога се разболува доктор од јавно здравство, никој не го намалува буџетот на болницата,ниту пак се затвора одделението.
ЗПЛРМ замолува да при изготвување на закони, правилници, секогаш пристапот да е холистички.
Се надеваме дека нашите партнери ФЗОМ и МЗ ќе ги земат во обзир нашите предлози при изготвување на закони и правилници, се со една единствена цел да продолжи успешната приказна за примарното здравство. На задоволство на докторите и на пациентите.
Со почит
Претседател на ЗПЛРМ
Др Лилија Чолакова Дервишова




