Еден за сите, сите за еден!
Почитувани колеги,
Некои нешта мора суштински да се променат. За да граѓаните ДОКТОРИ се чувствуваат еднакви со сите други граѓани – работни лица од РМ.
Во моментов имаме матичен доктор-приватен-кој доби инсулт на работно место. Трагедијата да биде поголема, не може да се најде доктор за да се вработи како замена. Ако тоа потрае,ќе нема тим,ако нема тим,тогаш нема капитација,ако нема капитација ќе нема осигурување и кога на докторот му е најпотребно да има здравствено осигурување, тој матичен доктор останува на улица.
Дали тоа така треба да биде?
Дали ние кои го лекуваме народот на РМ, на кого му даваме боледување на секого колку му треба, за да заздрави и да се врати на работа, ние кои сме најхуманата гранка од здравството, имаме право на нормално боледување?
Дали ние треба да имаме сигурност и да се вратиме после подолготрајни боледувања на нашето работно место, да ни стои фирмата, да си функционира медицинската сестра и се друго?
Каде е проблемот што никој не сака да сфати дека тоа е наш суштински проблем. Денес е еден колега, утре ќе биде друг колега. Половина од матичните доктори се сами и работат двократно по дваесет и кусур години.
Ние како мали бизнисмени треба сами да одлучуваме како ќе менаџираме со парите кога сме болни. Зошто да не може фамилијата на болниот да си повика колега кој ќе дојде во таа ординација да ги услужува пациентите на болниот колега, заради колегијален однос, заради почит кон колега,еснаф. Така пациентите нема да се разбегаат по други колеги, други ординации. Така медицинската сестра нема да остане на улица, така фирмата ќе продолжи да живее и да си ги плаќа ратите од кредитите и други давачки, така фамилијата која стоела зад овој бизнис ќе продолжи да менаџира. А ние колегите можеме сите да помогнеме се до наоѓање на нов доктор. Бидејќи утре-мислејќи на иднина, може ние ќе се најдеме во иста ситуација.
Еден за сите, сите за еден! Размислете!
Со почит
Претседател на ЗПЛРМ
Др Лилија Чолакова Дервишова




