Лекарските комисии одбивале боледување на мајки, иако законски им следувало

Вработени мајки не можеле да остварат право на платено боледување во случаи кога поради болеста на дете постаро од 3 години, заедно со него лежеле во болница. Причина – лекарските комисии ги одбивале со образложение дека не може да дадат боледување додека мајката е во болница со детето, туку само кога станува збор за нега на дете во домашни услови. И според Законот за здравственото осигурување и според правилникот, платено отсуство следува, и тоа токму за нега на член од семејство постар од 3 години независно дали е во болница или дома.
Скопјанка останала вчудовидена кога ја слушнала причината зошто не може да го продолжи боледувањето:
– Се зачудив кога комисијата, додека јас и детето бевме во болница, ми рече дека не ми следува боледување за болничко лекување, туку само за домашна нега. Јас ќерка ми не можев да ја оставам да лежи сама на Kлиниката за инфективни болести. Второ, матичната докторка ми даде две недели, а комисијата ми го продолжи боледувањето само уште една недела. Дали таткото сега треба да земе боледување или јас да излегувам од работа зашто детето мора да оди на рехабилитација 14 дена? – се прашува оваа мајка.
На друга вработена уште во болница и напомнале дека не ~ следува платено отсуство за нега на дете над 3 години кога мајката е со него во болница.
– Мојата 7-годишна ќерка доби пневмонија, па решив и јас да бидам со неа во болница. Уште при приемот докторката и сестрите ме известија дека ако сакам да останам со детето, тие не можат да ми дадат предлог за боледување бидејќи тоа е постаро од три години. А доколку сакам, да барам боледување од мојот матичен лекар како јас да сум болна?! Се вџашив – дали детето, кое е многу болно, треба само да го оставам во болница и врз основа на која дијагноза ми сугерираат јас да отворам боледување? А ако 3 дена немате оправдување за отсуството од работа, добивате отказ – револтирано вели мајката Лидија од Скопје.
Од болницата ја посоветувале да земе годишен одмор ако не може со боледување да го покрие отсуството од работа.
– За среќа, во целата ситуација во пресрет ми излезе претпоставениот на работа, кој ми одобри слободни денови додека бев во болница, а потоа отворив боледување. Дали лекарските комисии се над лекарите што ни ги лекуваат децата – прашува оваа мајка.
Откако овие две и уште неколку мајки реагираа во нашата редакција за тоа на какви бариери наидуваат од страна на лекарските комисии и прашувајќи се според која законска одредба биле одбиени, одговор побаравме од Фондот за здравствено осигурување. Оттаму со експресна реакција им наложија на сите лекарски комисии во земјата да го почитуваат законот.
– За нега на близок член на семејство постар од 3 години во согласност со Законот за здравственото осигурување и правилникот за остварување на правата на осигурениците, следува боледување и кога вработени лица треба да лежат во болница со член од семејството. Им наложивме на комисиите да го почитуваат законот и истовремено ги задолживме самите да не толкуваат дали мајката е дома или во болница. Туку ова право на боледување да се оствари, независно каде се дава негата – дали во домашни или во болнички услови. Досега не сме имале пријава или некој да реагира и да се пожали за ваква работа. Затоа веднаш реагиравме за на никој да не му биде скратено правото на боледување – категорични се во Фондот за здравствено осигурување.
Законите да се менуваат во интерес на пациентите
Последниот пример е мајката има потреба постојано да прави физикални вежби на детенце од две години на кое при породувањето му бил повреден нервот на десната рака. Од лекарската комисија ~ одговориле дека веќе е исцрпена законската рамка за боледување со таа дијагноза и дека мора да има пауза од 30 дена. Здравјето на еден човек е најбитно, а секој случај е посебен. Kога се во прашање здравствените потреби на граѓаните, системот треба да е пофлексибилен – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на РМ.




