Попусто голтаме апчиња ако не ги смениме навиките

Драстичното зголемување на бројот на препишани лекови на рецепт во првите шест месеци од годината е аларм дека треба да се сменат лошите навики кај граѓаните веднаш да се фатат за лековите кога имаат проблем. Ова може да се реши со едукација на пациентите, но и поголема посветеност на лекарите во контактот со пациентите, со посветување повеќе време и убаво објаснување на сите аспекти не само на лекот туку и на здравиот живот, кој може да ги намали ризикот од појава на болести, а со тоа да се намали и препишувањето лекови без потреба, предупредуваат кардиолозите и специјалистите по семејна медицина.
Дремат пред компјутер
Според потрошувачката на лекови по групи, води АТЦ-групата со препарати за кардиоваскуларниот систем – биле реализирани дури 4,5 милиони рецепти. Матичните лекари појаснуваат: – Се зголемува бројот на препишани лекови, прво, поради нездравиот начин на живеење и на возрасните, а особено на помладите – повеќето физички воопшто не се активни – премногу седат пред компјутер или се на „Фејсбук“. Доколку нема физичка активност, нема како да се потроши високото ниво на шеќер во крвта, а кога ќе се придружи и погрешната исхрана – младите уште од рана возраст стануваат сериозни кандидати да развијат дијабетес тип 2, но и други заболувања – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, специјалист по семејна медицина и претседателка на Здружението на приватните лекари на РМ.
Таа нагласува дека дебели се повеќе од 50 отсто од децата, пред с` поради лошите навики. – Јадат бурек и во 2 или 3 часот по полноќ, па спијат. Порано децата играа надвор со топка или ластик, па немаше толку заболени од дијабетес, а сега секој трети или четврти пациент кој влегува во ординација е со зголемено ниво на шеќер и со зголемен притисок. А се живее многу стресно – сите сме како на лента… Жените вработени во текстилна индустрија седат и по 12 часа на машина, а потоа работат дома, па немаат време за активности со кои би го подобриле сопственото здравје.
Стресот од транзицијата – губењето работни места, секако, се одрази на зголемување на бројот на хронични пациенти заболени најчесто од кардиоваскуларни, но и многу други заболувања за чие лекување се неопходни и с` повеќе лекови – додава д-р Чолакова. Според неа, државата мора да почне системски да решава некои работи. – Има простор за подигање на свеста кај луѓето – апчињата не може да имаат ефект ако постојано се јаде солено, а се пушат две или три кутии цигари… с` е поврзано. Иако со досегашните активности кај голем број пациенти успеавме да почнат да го контролираат и намалуваат холестеролот, триглицеридите, шеќерот во крвта. Kај младите повеќе да се дејствува превентивно и во промена на навиките, а да имаат физичко воспитание најмалку три часа неделно – предлага д-р Чолакова.
Без потврдени дијагнози
На прашањето зошто е драстично зголемен бројот на препишани лекови и за смирување, за зголемен притисок, шеќер, д-р Марјан Димитровски, интервентен кардиолог во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“, вели: – Поради свеста на луѓето за здравјето, која е на повисоко ниво, последниве години е зголемен бројот на пациенти, но и зачестеноста на лекарските прегледи, а е подобрената и остапност на лекарските услуги. Друга причина е препишувањето лекови без потврдени дијагнози, што е многу честа пракса кај пациенти, особено со покачен крвен притисок. Еднаш измерен покачен крвен притисок не значи дека пациентот има хипертензија или хипертензивна болест и дека веднаш треба да се препишат лекови. Нормално е кај секој човек да се покачи крвниот притисок при состојби на стрес, физичка активност, замор, временски промени, обилни, мрсни и солени оброци. Тоа не значи дека веднаш треба да се почне со лекување, туку првин се оди со совет за хигиено-диететски режим и промена на стилот на живеење – вели д-р Димитровски.
Тој се согласува дека предвреме се почнува со земањето лекови. – На многу пациенти што биле кај мене со покачен крвен притисок и редовна терапија што ја примале со месеци, сум им ја прекинал, но со инсистирање на промени во начинот на живеење. Со совети за правилна и здрава исхрана, физичка активност, со откажување од пушење, одржување нормална телесна тежина, се постигнуваат одлични ефекти во нормализирање на крвниот притисок. Пациентите остануваат без терапија и со нормални вредности на притисокот – нагласува д-р Димитровски.
Лекови само по правилна дијагноза
Лекови за покачен крвен притисок се земаат кога ќе имаме правилно поставена дијагноза за хипертензија или некоја друга срцева болест. Доколку кај пациенти со покачен крвен притисок и покрај сите преземени превентивни мерки и промени во начинот на живеење повторно се регистрираат високи вредности на крвниот притисок, потребно е да се направат иследувања кои ќе го потврдат тоа за поставување конечна дијагноза – вели д-р Димитровски.




