Наградени или казнети – гласот на лекарите од примарна здравствена заштита
Честопати лекарите кои работат во јавното здравство кажуваат : „приватните лекари земаат повеќе пари“ или: „тие се повеќе наградени за нивниот труд отколку ние“.
Но, вистината е сосема поинаква: многу лекари од примарно здравство всушност се казнети а не наградени. Најголем број избрани лекари се казнети затоа што направиле пропуст од технички карактер, кој не се одразува на здравјето на пациентите, а не поради стручна грешка.
За разлика од лекарите во јавното здравство, лекарите во приватното имаат многу повеќе обврски за кои сами се грижат. За да функционира здравствената установа лекарот се грижи да има технички и санитарно исправен систем, редовен интернет пристап, резервна опрема, редовно платени сметки, греење, секогаш комплетен персонал… а нема администратор, ниту референт за набавки.
Се разбира дека и лекарите кои работат во јавното здравство имаат обврски и за нив важат истите закони како и за приватните лекари, но има една значајна разлика : казните на лекарите во јавно здравство се одреден процент од плата, а на приватните казните се четвртина или половина капитација! За некои ординации една таква казна ја парализира установата, бидејќи во тој случај е невозможно да се набави потрошен материјал, да се плати одржувањето, сметките, навремено да се подмират сите обврски кон државата, а на крај може и да нема плата еден месец за сите вработени! (за што од друга страна работодавачот ќе биде санкциониран).
Внимавајќи на професионалноста, но и на договорните обврски, избраниот лекар може да направи технички пропуст, на пример при издавање лек или упат. Токму поради таква техничка грешка, голем дел од лекарите во примарна добија високи казни. Ќе наведам две типични ситуации:
1. При секое издавање лек, избраниот лекар врши проверка на осигурувањето на пациентот, запазува режим на препишување според правилникот од ФЗОМ, се грижи лекот да биде според медицина базирана на докази, пресметува месечна доза на лекот, па и води сметка колку дози има во едно пакување на лекот. Доколку се издава лек кој е по режим RS или RSS треба да направи контрола на режим на препишување кој вклучува: дијагноза која е наведена во правилникот (не секогаш соодветна), датум на препораката, дали е соодветна специјалноста на лекарот кој го препорачал лекот, дали сè уште важи факсимилот на специјалистот кој го препорачал лекот. Секако треба да го почитува и мислењето на пациентот, кој понекогаш се враќа кај лекарот да бара промена на лекот со најразлични образложенија, оправдани или не.
2. При издавање упат понекогаш има проблеми при закажувањето: нема термин или пациентот бара промена на термин од било која причина, а избраниот лекар треба да внимава дали специјалистот до кој се упатува има договор со ФЗОМ, дали има валиден факсимил и да ги следи правилата на упатување… Доколку пак пациентот бил кај специјалист кој работи без договор со ФЗОМ, пациентот не може да разбере зошто со таа препорака не може да земе лек на товар на ФЗОМ или да користи право на боледување.
Промените во казнената политика настанаа по целосната приватизација на примарното здравство. Многу нешата во здравствениот систем се сменија тогаш, нешто стана подобро а нешто полошо.
Што е сега подобро?
По целосната приватизацијата во 2006/2007 година, најголем дел од пациентите избраа свој лекар кој комплетно се грижи за нивното здравје. Пациентите се позадоволни, бидејќи чекањето се намали, се створи ред и дисциплина во чекалните, а секој пациент си има своја историја и свој лекар кој го следи и упатува каде треба. Пациентот сега може да го напушти лекарот кога сака, дури и ако тоа е поради неисполнета желба, на пример. Севкупно, пациентите добија поквалитетна здравствена услуга, а имаат и закон за пациенти кој ги заштитува.
А што е полошо?
Голем дел од лекарите не само што не се наградени за огромниот ангажман, туку се казнети, а еден дел од нив едвај опстануваат со капитацијата која ја исплатува ФЗОМ. Капитацијата не е покачена од почетокот на целосната приватизација, а трошоците секојдневно растат. Од друга страна, избраните лекари неаргументирано се озборувани дека прекумерно заработуваат.
Се надевам дека наведените забелешки ќе ги увидат оние кои го планираат здравствениот систем. Сметам дека сите лекари заедно без оглед кој каде работи, треба да ги кажат своите забелешки од терен, па заеднички да допринесеме да допре нашиот глас до институциите каде се планираат идните промени.
За да им биде на лекарите подобро, како и на пациентите!
Елица Станишлевиќ




