Подобро предвреме на преглед отколку задоцнето на операција

Пациенти одбиваат да го контролираат здравјето и да направат превентивни прегледи – ЕKГ, лабораториски анализи, а од друга страна, за повеќе од 11.000 лица е зголемен бројот на болнички лекувани. Меѓу нив, велат матичните лекари, се токму некои од овие пациенти што сметале дека се здрави, а прегледите ги оцениле како непотребни, а потоа заглавиле во болница. Интернистите велат дека контролните прегледи се дел од општата култура.
Во Германија и Англија пациентите, без разлика на возраста, редовно одат на закажани контроли, иако немаат симптоми бидејќи лекарот така проценил. Неврохирурзите предупредуваат – мозочните удари ќе се намалат за дури 50 отсто кога пациентите ќе обрнат внимание и ќе го регулираат крвниот притисок и ќе го сменат стилот на живеење – повеќе движење и медитеранска исхрана!
Еве што се случува во ординациите на матичните лекари:- Вчера на пациент му давам упат за преглед, а тој ми вели: Kаде да ги фрлам листовите – тука да ги оставам или надвор? Не планирам сега за некакви цели да се прегледувам, земам лекови и три месеци одам во село, а во октомври ќе правам крвна слика и ЕKГ! Има пациенти што, на пример, не сакаат да прифатат дека имаат почетен дијабетес, а ризикот мора да го намалат со помало внесување шеќери и јаглеродни хидрати и со други активности и самите да придонесат за своето здравје. Но други почнуваат со диети и повеќе да се движат, па доаѓаат во ординација и само за да се измерат!
Околу 30 отсто од пациентите сериозно ги сфаќаат состојбата и ризикот за здравјето, но исто толку не сакаат да прифатат дека се болни и воопшто да слушнат за зголемен шеќер или притисок и да ги проверат. Не знаеме дали поради страв од детството, поради начинот на живеење – не верувам дека некој така ги воспитал – зачудено вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари на РМ.
Таа истакнува дека третина од пациентите редовно, секој месец, вршат проверки на шеќерот, а секоја недела на притисокот.
Произлегува дека почесто се проверуваат оние што немаат сериозен наод и ним постојано не им се допаѓаат некои доктори, па велат „кој лекар не нашол дијагноза – тој не чини!“ А токму овие пациенти без потреба го трошат здравствениот систем, а оние што треба не одат воопшто на лекар – укажува д-р Чолакова.
Д-р Дејан Докиќ, пулмоалерголог на Kлиниката за пулмологија, вели дека во странство одат на лекар и кога немаат никакви симптоми, само на закажана контрола.
– Одењето на лекар е дел од општата култура, се разбира, и треба да е дел од општото образование на пациентите. Работејќи во Германија и Англија, забележав дека редовните контролни прегледи и превенцијата се нешта што се длабоко етаблирани во општеството. Свеста и на младите луѓе е на тоа ниво, како и возрасните, редовно доаѓаат на лекарски контроли и кога немаат никакви симптоми бидејќи тогаш им е закажан прегледот! Тоа апсолутно го почитуваат! Важно е што голем број болести не само што така може навреме да се откријат туку и успешно да се излекуваат! А кај нас – апсурд?! Најголемо достигнување на пациентот е да каже „никогаш не сум бил на лекар! – вели д-р Докиќ.
Тој вели дека раното откривање на малигните заболувања со навремени прегледи може да спаси илјадници животи.
– Тоа не значи дека секоја кашлица е симптом оти некој има рак на белите дробови, но секој од пациентите треба барем да се јави кај матичниот лекар, кој ќе процени што понатаму, а не да ни доаѓаат со карциноми веќе во развиена фаза, а претходно не оделе со години на лекар. Главното мото – ништо не ми е, зошто да одам на лекар – може глава да го чини пациентот! – додава д-р Докиќ.
За 50 отсто помалку мозочни удари ако притисокот се регулира.На Kлиниката за неврохирургија годишно се оперираат по речиси 200 пациенти со мозочен удар, на Kлиниката за неврологија годишно примаат околу 2.000 пациенти со мозочен удар, а вакви пациенти се згрижуваат и во ГОБ „8 Септември“ и во приватните болници.
Дури за 50 отсто би се намалил бројот на овие болни доколку тие претходно се придржувале до правилата – навреме да почнат да го регулираат високиот крвен притисок, кој е главна причина за најголемиот број инсулти (мозочни удари). Овие пациенти немаат ниту физичка активност, а имаат и други фактори на ризик – лоша исхрана, зголемени масти во крвта, па доколку навреме не одат на прегледи и не преземат сериозни мерки, доаѓа до хипертензија и до мозочен удар – вели проф. д-р Александар Чапароски, директор на клиниката.
Тој опоменува – постојано се намалува и возраста кога некој добива мозочен удар.




