Пациентите сепак мора да се приоритетни
Последната новина за укинување на приоритетните упати со кои во рок од една недела можеше да се дојде на ред за снимање и преглед, а на кои најчесто мораше да се чека со недели, предизвика вознемиреност кај пациентите, но и кај лекарите.
Надлежните се правдаат дека овие упати создавале дополнителни мешаници и хаос во чекалниците, а пациентите се прашуваат:Kако сега побрзо ќе се стасува до доктор во болница или на клиника? На кој начин ќе успеат да го зголемат бројот на преглeди и снимања со постојната опрема и кадар ако за снимање на МР и KТ се неопходни најмалку 20 минути, а за специјалистички преглед 15 минути?
Откако го воведоа системот за закажување „Мој термин“ помина повеќе од една година, но многу од „детските болести“ кои досега требаше да бидат прележани, останаа и натаму неизлекувани, некои станаа и хронични – дел од нив се и блокираните редовни термини за прегледи и снимања, па лекарите и пациентите мора да бараат чаре и излез токму со креирање на овие приоритетни упати.
И здравиот човек, кој сака да направи само обична контрола на здравјето, а особено тешко болниот пациент или оној за кој има и само сомневање за некоја дијагноза, воопшто не треба да се оптоварува дали и каков упат ќе добие обичен, приоритетен, (не)итен… Зашто, чекајќи системот да исфрли слободни термини, лесно може да се случи тој да стане и многу итен случај и да се најде во животно-загрозувачка состојба.
За да не се случи тоа, сите директно и индиректно вклучени во системот „ Мој термин“ мора да најдат оптимално решение за закажување и реализирање прегледи и снимања за пациентите особено на оние на кои им се неопходни „сега и веднаш“.
За тоа да се случи, мора директно од чекалниците и лекарските ординации да се ослушне пулсот на пациентите и на лекарите специјалисти и матични – и практичните проблеми со кои тие секој час се соочуваат, за прво тие забелешки да се земат превид при креирање наредна новина.
Специјалистите предлагаат дека не секој пациент да мора да оди на преглед на клиника, кај лекар по избор, туку прво кај специјалист во болница, дека токму матичните лекари, а не само кардиолозите, на пример, може да ги контролираат и следат лицата со добро регулиран зголемен притисок, дури и пациентите со прележан инфаркт, по првите контроли кај кардиолог. Матичните бараат да се врати хартиениот упат, воведување 24-часовна отворена телефонска линија со Министерството за здравство и со системот „Мој термин“ за граѓаните да добијат брза информација за термините, а надлежните да го регулираат бројот на влезови и на примарно ниво – во некои ординации има и по 160 пациенти на ден!
Освен начинот на упатување, одговорните во системот мора да ги лоцираат проблемите и да креираат вистински решенија за да им го олеснат често трнливиот пат низ кој поминуваат пациентите во јавното здравство, каде што товарот од сите измени, реформи, новини, благодарение пред с` на ентузијазмот, на свои плеќи го носи медицинскиот и друг персонал.
Зашто пациентите и лекарите не се само бројки во системот, туку луѓе.




