Исти пациенти доаѓаат на лекар и трипати на ден

Пациенти реагираат бидејќи матичните лекари почнале да им закажуваат прегледи, наместо веднаш да ги примат и да им дадат здравствена услуга или да ги упатат кај специјалист. Лекарите одговараат – дневно имаме од 60 до 80 пациенти, па сме принудени да закажуваме дел од прегледите, а итните секогаш ги примаме.

Од сабајле бара апчиња, попладне мери притисок

Пациент од Скопје е зачуден:

– Зошто докторката да ми закажува преглед за два-три дена кога ми е матична, а не е специјалист? Зарем почнаа „Мој термин“ да воведуваат и во примарното здравство, кај матичните лекари? Kренав температура и бидејќи немав закажано преглед, отидов на дежурна служба. Свесен сум дека не креваат глава од работа ниту докторката ниту медицинската сестра, зашто во ординацијата секој ден имаат многу пациенти, но јас сметам дека кај матичната докторка треба да отидам на преглед кога тоа го бара мојата здравствена состојба. Иако бев задоволен од докторката, принуден сум да ја сменам и ќе одберам некоја со помалку пациенти – вели 40-годишниот скопјанец.

Од Здружението на приватни лекари на РМ потврдуваат дека некои од лекарите почнале со новата практика и појаснуваат зошто се принудени да ги закажуваат прегледите:

– Точно е, има доктори што веќе почнаа да закажуваат прегледи, како педијатри, гинеколози, но и општи лекари. Така решиле да направат ред во ординацијата. Некои работат со закажување подолго, веќе неколку месеци, на пример, педијатри од Струмица, Скопје и од други градови, но почнаа да закажуваат и општи лекари. Дневно се случува да имаме од 60 до 80 влеза, односно пациенти, од кои некои доаѓаат и два-три пати во денот – изутрина за рецепт за „лексилиум“, попладне за „спазмекс“, а навечер за рецепт за сопругата. А кога утредента ќе дојде без причина, се мисли и вели: „па мерете ми барем притисок“. Да, има и такви пациенти што многу ги оптоваруваат лекарите и затоа некои се принудени и да закажуваат прегледи – појаснува д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари и матичен лекар во Велес.

Но таа е категорична:

– Некои здравствени состојби кај пациентите трпат закажување, но тоа што е итно никој од лекарите не треба да го врати и да бара прегледот претходно да се закаже! Зашто кај матичните 90 отсто од случаите се за лекување – на пациентот му е лошо, му се врти, има зголемена температура и слично, па ординацијата е како ургентна амбуланта. Во такви случаи не смее никој да врати и да не прегледа пациент – нагласува д-р Чолакова-Дервишова.

Ако е итен случај, пациентот мора да биде примен

Според неа, во системот е дозволено и лекарот да креира упат и да го преупати пациентот на специјалист, а ако тоа не е можно, системот дозволува пациентот да оди директно во болница, каде што специјалистот ќе го креира упатот.

– Kога ќе дојде нов пациент, прво со електронска картичка треба веднаш да се пријави кај матичниот лекар. Ако станува збор за стар пациент, матичната докторка треба да го прегледа, да земе анамнеза и, ако треба, да го упати на повисоко ниво на здравствена заштита. Има неколку случаи кога матичниот лекар, ако процени дека треба, ќе го упати пациентот на специјалист. Пациентот може и самиот да бара да биде упатен кај специјалист, а трета ситуација е кога пациентот треба да оди на закажана контрола. Иако е нагласено дека и специјалистите можат да креираат упати, некои од лекарите од секундарното здравство не практикуваат сами да им закажуваат контроли на пациентите иако можат. Во тие случаи ние мора да издадеме приоритетен упат, зашто и покрај с`, здравјето на пациентите е на прво место – вели д-р Чолакова.

И во Фондот за здравство потврдуваат:

– Ако се работи за итен случај, пациентот мора да биде примен независно од тоа дали претходно го закажал прегледот – велат во Фондот.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари