Протестот на матичните лекари ставен во мирување
Најавенот протест на матичните лекари преку тричасовен прекин на издавање на елекронски упати ќе биде ставен во мирување. Ова е епилогот од денешната средба на Здружението на приватни лекари на Македонија со министерот за здравство. Решението ќе се бара преку примери од странски здравствени системи.
-Донесовме заклучок да се видиме за една недела повторно. Повторно на работна средба во која би ги дискутирале другите здравствени системи од нашата околина, со што би направиле реформи и во нашето здравство позитивни со кои би требало да бидат задоволни и матичните лекари и нашите пациенти“, рече Лилија Чолакова Дервишова-председател на здружението на приватни лекари на Македонија.
Министерот Тодоров пред почетокот на средбата изјави дека ќе ги сослуша аргументите на матичните лекари. Еден од нив беше и барањето носител на дејноста стане приватната здравствена установа, а не лекарот. Но, Тодоров вели дека токму на ова барање се спротивставува еден одбор на млади лекари. Имено, тие му го пренеле следново:
-Нивниот аргумент е дека ако пациентите се пренесат на приватната здравствена установа, утре сопственик на правното лице може да биде машински инжинер или сликар било којшто не е лекар и тоа значи дека пациентите ќе бидат на правното лице тоа ќе вработува лекари, а тие лекари секогаш ќе работат за некој друг, изјави Никола Тодоров-министер за здравство.
Инаку, освен во делот на сопственоста, матичните бараат и загарантирана плата од 40 илјади денари за лекар, а 20 за медицинска сестра. Бараат и да се зголеми капитацијата и да се воведе парична партиципација ако пациентот дојде на повеќе од еден преглед во месецот. Со овие прашања се засегнати 3.000 правни субјекти.




