Нема лек за егзодузот на лекари од Македонија
Ангажирањето странски лекари, не е решение за дефицитот на доктори во Македонија, велат од Здружението на приватни лекари. Не е доволно да се бараат специјалисти од соседна Србија или од западноевропските земји, потребно е трајно решение кое ќе го спречи одливот на медицински кадри од Македонија, вели д-р Лилија Чолакова, претседателка на здружението.

Статистиките на еснафските здруженија покажуваат дека 280 лекари ја напуштиле земјава во последните две години. Најголем дел од нив заминале за Германија, а показател дека трендот продолжува е интензивното изучување на германски јазик и меѓу младите специјализанти.
Никола Илиев кој има долгогодишно искуство за посредување при работа во Германија вели опаѓа интересот за ангажирање лекари од земјава во последните шест месеци, но голем е бројот на здравствени работници, вели тој, кои веќе работат во тамошните болници.
Платите за лекари-асистенти на германските клиники се движат од 1600 – 4000 евра, додека просечна плата за специјалистите е од 4,5 до 5 илјади евра, вели Илиев. Во Македонија, пак лекарите се обидуваат да издејствуваат фиксна плата од 40 000 денари и зголемување на надоместокот од 50 денари за пациент.
Според последните податоци, 606 лекари во последните четири години побарале потврда од Лекарската комора, за да заминат во странство, а меѓу нив имало и лекари кои заминале на обука, разни специјализации или семинари.




