Известување за фискализација
Кој е должен да воведе фискален систем на опрема за регистрација на готовински плаќања?
Даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето се врши готовински, должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрација на готовинските плаќања.
Рокови за воведување на фискален апарат со GPRS уред
Даночните обврзници чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари, понатаму обврзниците кои вршат угостителска дејност и кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензински пумпи) треба најдоцна до 31 октомври 2014 година да воведат фискален апарат со GPRS уред. Рокот за сите други даночни обврзници е до 31 јануари 2015 година.
Кој не е должен да воведе фискален систем на опрема за регистрација на готовинските плаќања?
• Даночните обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход, освен таксистите. Таквиот статус тие го докажуваат со Решение издадено од Управата за јавни приходи;
• Физичките лица кои издаваат под закуп станбен или деловен простор;
• Лица кои не се трговци за прометот на непреработено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите;
• Лица кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места, со исклучок на туристички места;
• Лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија-колпортерска продажба;
• Лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот инстант лотарија, како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола; и
• Лицата кои вршат континуиран промет, за кој издаваат сметки и за кој се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).




