Матичните лекари пропишаа три недели за договор или ќе протестираат
Тие побараа повеќе пари за пациентите што ги водат, смена на системот за пресметка на парите што ги добиваат, можност за закажување на неитните пациенти, а лиценцата за да работат во здравствената мрежа да биде на фирмата, а не на лекари

Според здравствените работници има и многу пациенти што непотребно одат на лекар
Доктори бараат повеќе пари за работата
Матичните лекари им даваат две-три недели на здравствените власти да одговорат на нивните барања за повеќе пари за нивната работа. Доколку не го добијат или во тој рок не почнат разговори за нив, дополнително ќе одлучат како ќе постапат. Членството на Здружението на приватните лекари на Македонија, вели претседателката д-р Лилија Чолакова-Дервишова, веќе барало со протест или тричасовно неиздавање упати на пациенти да ги искажат своето незадоволство и разочараност. Тие побараа повеќе пари за пациентите што ги водат, смена на системот за пресметка на парите што ги добиваат, можност за закажување на неитните пациенти, а лиценцата за да работат во здравствената мрежа да биде на фирмата, а не на лекари.
Исплата по примерот на Хрватска и на Словенија
Собранието на Здружението во саботата донело одлука да побара лиценцата за лекарите да работат во здравствена мрежа, или популарно познато со сини картони, да биде на приватната здравствена установа наместо на лекар. Така, велат, ќе се реши проблемот кога концесионер ќе појде во пензија, да не мора да се затвори ординацијата, а вработените во неа да останат без работа. Сега лекарите избираат матичен лекар, а од Здружението бараат да може да избираат установа.
Лекарите побараа и повеќе пари за пациентите што ги водат. Д-р Чолакова-Дервишова вели дека така ќе можат редовно да ги исплаќаат давачките. Сега, вели таа, многу ординации ја намалиле основицата за плата на лекарите за да може да исплатат К-15 и да им ја покачат за 0,5 проценти, со што ништо не се добило.
Матичните лекари сега за секој пациент што го водат добиваат сума од Фондот за здравствено осигурување.
– Бараме да се направи мешан систем на исплата за лекарите да може да почнат со плата од 40.000 денари. На пример, во Хрватска и во Словенија државата учествува во надомест за трошоци, а дополнително се добиваат средства според учинокот или сработеното – вели Чолакова-Дервишова.
Само првиот преглед да е бесплатен
Лекарите бараат и само првиот преглед во месецот да биде бесплатен, а за другите да се плаќа одредена сума. Дополнително, да се закажуваат сите прегледи што може да се закажуваат, односно не се работи за неодложна посета на лекар. Таа вели дека има многу пациенти што непотребно одат на лекар.
– Има пациенти што наутро ќе дојдат за рецепт, а попладнето за нешто друго. Зошто сите да не можеме да го планираме времето, и ние и пациентите. Имам и по 80 влеза дневно. Кога нема непотребно да доаѓаат пациенти, ќе имаме повеќе време за оние на кои вистина им треба помош. Ние јавно ги кажавме барањата, а се обративме и до премиерот и сега очекуваме одговор – вели таа.
Членството, вели, побарало ако не се разговара за барањата, да имаат тричасовен протест, време во кое нема да издаваат електронски упати. Итните пациенти во тоа време ќе бидат услужувани.
Од Министерството за здравство велат дека ги разгледуваат барањата на лекарите.




