За една година издадени над 21 милиони рецепти во „Мој термин
ЗПЛРМ БАРА ДА ИМА ПОСЕБНИ ОЗНАКИ ВО СИСТЕМОТ КОГА МАТИЧНИОТ ДОКТОР ГО ПРАЌА, КОГА ПАЦИЕНТОТ БАРА И КОГА
СПЕЦИЈАЛИСТОТ МУ РЕКОЛ НА ПАЦИЕНТОТ “ОДИ ДОНЕСИ СИ УПАТ ЗА СЕКУНДАРНО ЗДРАВСТВО”.
По една година од функционирањето на „Мој термин “ биле издадени над 4 и пол милиони електронски упати и над 21 милион рецепти. Биле подигнати над 17 милиони лекови. Главен недостаток на системот е големиот број закажани, а неискористени термини, со што се прави непотребен метеж и лошо распоредување на прегледите. Имало и доктори кои за само еден ден напишале над 50 упати за специјалист.
Една година по воведувањето на националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, здравствените власти се пофалија оти е со позитивни резултати. За една година креирани се над еден милион и 403 илјади електронски здравствени досиеја на пациенти, над 4 милиони и 440 илјади електронски упати, над 3 милиони и 200 илјади специјалистички прегледи, над 21 милион и 300 илјади електронски рецепти и подигнати над 17 милиони и 380 илјади лекови.
Во изминатите 3 месеци, најчести биле упатувањата на пациенти кон интернистите, ортопедите, офталмолозите и оториноларинголозите. Вака конципираниот систем на мегдан ги извадил матичните доктори кои во еден ден издале голем број упати за повисоко ниво на здравствена заштита од просечно пропишаните десет.
Министерството за здравство ќе формира комисија за да се истражат причините за ваквата појава и доколку се утврди неоправданост во издавањето упати за специјалист, не се исклучува можноста докторите да бидат казнети или да се упатат на дополнителна обука.
Голем е и бројот на закажани но неискористени термини. Од Здравство апелираат ако некој не може да го искористи закажаниот термин, да го откаже на бројот 15 444 со јавување или со СМС порака на бројот 14 41 94. Така им овозможуваат на оние пациенти на кои реално им треба побрз термин, да дојдат до него.
Системот покажал дека се намалени турканиците за контролните прегледи кај специјалистите откако тие сами ги упатуваат на нив.




