Не мрдам од место додека не ме прими доктор
И покрај воведувањето на системот „Мој термин“, во болниците и во клиниките и понатаму има расправии меѓу персоналот и пациенти, кои се жалат на проблеми со закажувањето преглед. Едните тврдат дека има неодговорни лекари, а другите велат оти има некултурни, па и агресивни пациенти

Во Министерството за здравство потврдуваат дека сè уште се прават грешки со закажувањата, а за да ги сведат на минимум почнале и преку СМС да ги потсетуваат лекарите за новините
МОЈОТ ТЕРМИН ПОНЕКОГАШ Е СЕЧИЈ
Иако помина повеќе од една година откако прегледите кај специјалисти се закажуваат преку Интернет во системот „Мој термин“ и повеќе месеци откако беше воведено правилото специјалистите, наместо матичните доктори, да им закажуваат контроли на пациентите за тие да не лутаат низ ординации, сѐ уште има болни што шетаат по установите и непотребно губат и време и нерви. Во болниците и во клиниките речиси секојдневно има понекоја расправија на персоналот со пациенти што зборуваат за проблеми со закажувањето преглед. Едните се жалат на неодговорни лекари што не си ги закажале контролите навреме, а другите се жалат на некултурни, па и на агресивни пациенти.
Во Министерството за здравство потврдуваат дека сѐ уште се прават грешки со закажувањата, а за да ги сведат на минимум почнале и преку СМС да ги потсетуваат лекарите за новините, како да си олеснат сами на себе и како да им олеснат на пациентите.
Но доволна е само кратка обиколка на некоја од болниците и клиниките за да се посведочат објаснувања и толкувања меѓу лекари, сестри и пациенти.
Неодговорни специјалисти
Пациент со купче документи во рака стои пред ординација на докторка на Институтот за трансфузиска медицина. До него е медицинска сестра, која, додека чекаат, љубезно му вели дека лекарката ќе објасни како да постапат. Докторката излегува по ослободувањето на ординацијата, а сестрата почнува да објаснува дека пациентот бил на преглед во институтот пред околу 40 дена, специјалистот што го прегледал не му закажал контрола на која мора да му биде пропишана терапија, а матичниот лекар не можел во системот да закаже редовен преглед за брзо време.
– Матичниот се налути зашто не ми е закажана контрола и ми рече да дојдам без упат – тврди пациентот.
Докторката го слуша и потоа му објаснува дека специјалистот направил грешка и дека ќе го информира раководството на клиниката за таа да не се повтори.
– Појдете кај матичниот и објаснете му дека во вакви случаи треба да ви даде приоритетен упат. Со него ќе добиете преглед и ќе ви ја пропишат терапијата – љубезно му вели таа на пациентот.
Упорни пациенти
Но тој уште еднаш ја повторува својата приказна, а таа уште еднаш му објаснува што да стори. Пациентот, веќе видно изнервиран, на висок тон повторува што му се случило, на што добива уште едно објаснување што треба да направи. На крајот докторката нагласува дека има и други пациенти и дека треба да појде по упат. Но пациентот не ја слуша. Наместо тоа, се сместува во столче во чекалницата од триесетина квадратни метри полна со педесетина пациенти, кои ниту клима-уредите не можат да ги спасат од топлото време. Пациентот едвај издржува десет минути седнат на столче и потоа се упатува кај вработениот на пултот. Уште еднаш му раскажува што му се случило, но го добива истиот одговор. Повторно се враќа на столчето. По десет минути, пак, оди кај пултот и на крајот нагласува дека нема намера да си оди сѐ додека не биде прегледан.
– Не мрдам оттука додека не ме прими лекар – извикува.
Пациентот остана во установата и откако си заминавме.
СМС-потсетник
Од Здружението на приватни лекари потврдуваат дека сѐ уште имаат проблеми со закажувањата, но и дека има лекари што, бидејќи се преоптоварени со административните процедури и со бркањето норми, забораваат, како што велат, дека пред сѐ се лекари. Оттаму велат дека на многу места се решил проблемот со недоволниот број термини за закажување, па сега не се чека толку долго, но останал отворен тој што многумина од специјалистите не ги знаат или не сакаат да ги применуваат сите можности што значат олеснување за пациентот.
– Има установи во кои беспрекорно функционираат сите правила со упатувањето. Но има и такви во кои враќаат пациенти и со приоритетни упати. Дел од специјалистите не закажуваат контроли, па ги праќаат пациентите кај нас, матични лекари. Кога тие нема да закажат, ние имаме опција или болниот да чека подолго за термин или да му дадеме приоритетен упат. А дополнителен проблем знае да биде тоа што не може за секаде да се даде ваков упат. Можно е лекар да не сакал да даде ваков упат зашто е исплашен од казни – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на здружението.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека постојано ги потсетуваат лекарите за тоа како може да им олеснат на пациентите. И таму забележале дека има установи во кои беспрекорно функционира закажувањето, а има и такви во кои има пропусти. Ги охрабруваат граѓаните кога ќе забележат пропуст да се јават на телефонскиот број (02) 15 444 и да пријават за да се подобри системот.
– Сега му испраќаме и СМС на секој лекар поединечно со кој го потсетуваме на новините и олеснувањата – велат оттаму.




