Пациентите мака мачат со замената на матичниот лекар

Пациентите се жалат дека во сезоната на годишни одмори некои од лекарите што се замена на матичните им прават проблеми кога треба да им препишат рецепти за лекови за хронично болните. Пациентки реагираат и дека останале без можноста да добијат терапија што е на товар на Фондот за здравство, а гинекологот бил на годишен одмор зашто замената на овој специјалист ја немала базата на податоци. Фондот за здравствено осигурување и Здружението на приватни лекари се категорични – замената на матичниот лекар има исти права и обврски при препишување рецепти, упати и боледување.

Ме праша: „Зошто не дојдовте пред два месеца!“

Скопјанка која отишла кај замената на лекарот за да земе рецепти за својата свекрва, која е хронично болна и пие лекарства за неколку болести, раскажува.

– Уште кога влегов, докторката за малку ќе ме избркаше од ординацијата, извикувајќи: Kакви рецепти, па што не сте ги зеле од матичната пред таа да замине на одмор? За овие лекови и пред два месеца сте можеле да земете рецепти! Ми го крена притисокот, се почувствував како нешто да сум згрешила, а не дека барам само тоа што ни следува како на пациенти! Се покајав што воопшто и отидов да барам рецепти, што не си ги купив лековите на приватно! Зарем замената ги нема истите ингеренции кон осигурениците кои се запишани кај другиот лекар? – прашува скопјанката Снежана Тодоровска.

И друга пациентка останала со куси ракави зашто базата на податоци и за неа и за сите други пациентки воопшто не била достапна за замената на матичниот гинеколог!

– Kога прашав која смена е мојот доктор, ми рекоа дека е на годишен одмор и ми посочија друг гинеколог кој е негова замена. Отидов во ординацијата за да ми препише таблети за вагинална инфекција, но непријатно се изненадив кога медицинската сестра ме извести дека може да ми даде рецепти, но само ако приватно си ги купам! Се оправда дека докторот не им ја оставил електронската база со податоци, па не можеле да препишуваат рецепти за лекови што се на товар на Фондот! Kаква замена е тоа ако не може еден рецепт да даде, па не е малку 300 денари да платам за лек за кој ако е на рецепт, се плаќа партиципација од само 15 денари? Што ако ми требаше упат или боледување? – реагира оваа пациентка.

Исти права и обврски за двајцата лекари!

Од Здружението на приватни лекари на РМ велат:

– Со Фондот за здравство е договорено, а тоа го пишува и во договорите за работа, замената на матичниот лекар да дава рецепти, упати и боледувања. А секој лекар пред да замине на годишен одмор навреме треба да ја даде базата на податоци од пациентите за лекарот што го заменува да може без проблем да препишува рецепти и да дава упати и боледувања. Тоа не е проблем за оние лекари што работат во иста ординација и се замена еден на друг зашто во компјутерот е истата база со податоци, проблем е кога замената на докторот е во друга ординација и на друга локација, но и тогаш треба да се среди тоа – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на здружението и матичен лекар во ординација во Велес.

Во Фондот за здравствено осигурување се категорични – замената и избраниот (матичен) лекар ги имаат истите права и обврски во однос на лекување на осигурениците на Фондот.

– Во вакви ситуации осигурениците треба да достават претставка до Фондот за здравство, заедно со името и презимето на лекарот и ординацијата. Лимитите за лекови кај избраните лекари се однесуваат на пациентите на избраниот лекар, па ако замената издала лек, тогаш пресметките ги засегаат избраните лекари, а не нивните замени. Тоа дава максимални услови лекарот кој е замена да ги даде сите здравствени услуги што му се потребни на осигуреникот – нагласуваат од Фондот.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари