Лекарот не ми се насмеа, казнете го – претставка од пациент до ЛКМ!

Лекарот што ме прегледа воопшто не беше љубезен. Не ми се насмеа. Вака гласи претставката на пациент доставена до Лекарската Комора за услугата што ја добил во примарното здравство. И покрај фактот што претставката нема основа од причина што не е јасно прецизирано зошто лекарот не се насмеал и дали пациентот не е тој што ја предизвикал нељубезноста на здравствениот работник, ЛКМ мора да направи вонреден надзор во ординацијата. За таа цел мора да формираат и комисија која ќе оди во контрола. Финансиски трошоци за дело кое реално нема основа. Оваа претставка е една од 12-те кои само за овие 5 месеци стигнале до Лекарската Комора. Од ЛКМ за zdravstvo24.mk велат дека имаат премногу работа со овие претставки кои се големо оптеретување бидејќи голем број од нив и немаат повод за спроведување на надзор. Но ЛКМ е должна да го направи тоа со измените на ЗЗЗ од 2013 година кога добија таква ингеренција. Експерти кои ги консултираше zdravstvo24.mk, велат дека целта на пациентите е да пробаат дали ќе можат да искористат нешто а тоа во основа им го овозможува Законот за пациенти. Проблемот за лекарите, пак, според нив е во тоа што воопшто не се во иста позиција како пациентите без постоење на Законот за доктори кој ќе ги штити и нивните права.
Само лани ЛКМ направиле 7 редовни надзори и 6 вонредни по претставки на пациенти. Уште еден случај кој без потреба ги трошел ресурсите на ЛКМ е претставка од семејство каде нивни член бил на лекар и кога се вратил дома добил инфаркт и починал. Надзорот не утврдил грешка кај лекарот кој не можел да предвиди кога ќе настапи срцев удар од причина што прегледот поминал како што треба.
За да се растерети работата на ЛКМ, тие побарале од здравствените власти формирање на тело кое ќе прави селекција на претставките.




