Нема место за паника, МЕРС се лекува како секој грип!
Д-р Лидија Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека нема место за паника, бидејќи се работи за корона вирус кој е сличен на грипот и тој се лекува како и секој друг вирус на инфлуенца.

Матичните лекари во земјава целосно се подготвени за заштита и лекување на пациентите доколку и во земјава се регистрираат лица заболени од новиот смртоносен корона вирус МЕРС. Досега во Македонија не е регистриран ниту еден заболен од МЕРС, но во соседна Грција веќе има еден случај.
Сепак, д-р Лидија Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека нема место за паника, бидејќи се работи за вирус кој е сличен на грипот и тој се лекува како и секој друг вирус на инфлуенца. За таа цел, преку официјалната интернет-страница на здружението преку специјална брошура ги информирале сите нивни членови за каков вид вирус се работи и што треба да преземат за полесно да се дијагностицира болеста.
-На нашиот сајт секојдневно, односно 24 часа поставуваме корисни информации за матичните лекари, а тие најмалку 5 пати дневно го отвораат и проверуваат – вели Чолакова – Дервишова.
Според неа, речиси нема матичен лекар кој не знае што е тоа МЕРС и токму затоа и порачува на јавноста да не се дига паника, оти се работи за вирусна инфекција којашто се лекува како и секоја друга.
-Сите матични знаат да лекуваат грип, без разлика дали е летен или зимски.
Болеста има класични симптоми на грип и доколку лекарот се посомнева дека е можно тоа да е МЕРС, тогаш овие случаи треба да се препратат до центрите на ИЈЗ за да се направат дополнителни анализи и со сигурност се потврди присуството на вирусот – објаснува д-р Чолакова – Дервишова.
Таа им препорачува на граѓаните да внимаваат на својот имунитет и така најлесно ќе се заштитат од болести. Дел од препораките се: на високите летни температури соодветно да се облекуваат, да консумираат правилно течности, а не да пијат со 4 коцки мраз на 30 степени, оти тоа е шок за организмот. Нормалната телесната температура на човекот е до 37 степени, а со ладните пијалаци се слабее организмот и тогаш е подложен на разни инфекции. Чолакова – Дервишова препорачува да се пијат потопли пијалаци за да има баланс со надворешната температура и онаа на телото.
-Секој вирус на грип е смртоносен доколку организмот е заслабен. Затоа, препорачувам и соодветно да се храниме – нагласи Чолакова -Дервишова.
Симптоми на МЕРС се висока температура, треска, кашлица, глад за воздух и тешкотии при дишењето и иако најголем број од заболените развиваат пневмонија, еден дел имаат гастроинтестинални симптоми со дијареа. Кај некои пациенти се можни и бубрежни тегоби.
Министерството за здравство во пресрет на годишните одмори и периодот кога се патува на аџилак подготви брошура со основни информации за оваа нова болест, која ќе им се дели на патниците на сите гранични премини и на аеродромот Александар Велики”. Истовремено, се препорачува лицата кои патуваат во ризичните земји од Блискоисточниот регион да избегнуваат близок контакт со секој кој покажува симптоми на респираторна болест, да одржуваат редовна хигиена на рацете, да консумираат добро термички обработено месо, измиено овошје или зеленчук, флаширана вода, но и да избегнуваат контакт со диво или домашно животно, особено со камили.
Клиниката за инфективни болести во Скопје е подготвена за лекување на евентуално заболените, а во Институтот за јавно здравје има соодветни тестови за дијагноза на сомнителните случаи. Вакцина засега нема за овој вирус, кој за прв пат се појавил во Саудиска Арабија во 2012 година, а сега е раширен во голем број земји ширум светот. Во Европа случаи на МЕРС се појавени од Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Англија, а во Африка во Египет, Тунис, Алжир…
(В.Ма.)




