Фондот почна да казнува клиники што не услужиле пациенти
НЕПОЧИТУВАЊЕ НА НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА УПАТИ

Некои од пациентите с` уште не можат поедноставно да стасаат на преглед до клиниките и покрај олеснувањата со упатувањето во „Мој термин“, што пред еден месец ги изготви Фондот за здравствено осигурување, велат во Здружението на приватни лекари на РМ.
За оние што не ги почитуваат новите правила, Фондот за здравство од пред неколку дена почна да препишува и парични казни. Тие беа изречени на 12 јавни здравствени установи, меѓу кои и на неколку хируршки клиники, кои треба да платат од 75 до 150 илјади денари бидејќи неоправдано вратиле кај матичните лекари 26 пациенти.
Некои од клиниките реагираат дека се неоправдано казнети.
– Ние ќе поднесеме приговор бидејќи пациентот дошол со неактивен упат за интервенција, па затоа му било наплатено 380 денари како за приватен преглед за што добил и пресметка и потврда. Од Фондот за здравство потоа провериле и констатирале дека упатот бил активен, што кај нас не било случај. Нема зошто да не го прифатиме ако упатот е во ред, затоа ќе поднесеме приговор до Фондот – изјавија од оваа клиника.
Од средината на април специјалистите може да креираат упати со важност и до една година за пациентите да не мора да одат повторно кај матичниот лекар. И за итните случаи не треба упат од матичниот, туку го издава здравствената установа што го примила пациентот, потсетуваат од Фондот за здравство. Или ако пациент кој има хронични заболувања и треба да се хоспитализира, дозволено е специјалист да му издаде и упат за болничко лекување.
Матичните лекари тврдат дека проблемите со упатувањето се јавуваат зашто с` уште е мал бројот на специјалистите што сами ги закажуваат контролите на пациентите.
– Само еден или два отсто од специјалистите ги закажуваат контролите, иако сега системот тоа го дозволува. Па се случува пациентите да имаат проблеми при упатувањето, па иако ние, матичните лекари, сме издале приоритетен упат кој има број, и болниот да не биде примен во болница или на клиника. Затоа ние се договоривме со Фондот за здравство да ги архивираме овие случаи што се вратени за точно да се знае и да се провери зошто тоа се случило. Под изговор дека не му е во ред упатот, на пример, на една клиника на пациент му било наплатено приватно за една мала интервенција – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ.
На прашањето може ли да се случи некој да има два упата за еден ист преглед, па еден да не биде валиден, таа вели дека тоа не е можно:
– Ако упатот што го креираме не е во ред, и самиот систем „Мој термин“ не може да издава бројче. Софтверот на овој систем е на Министерството за здравство, па за ист преглед во никој случај не може да бидат издадени два упата, па едниот да биде неактивен и поради тоа пациентот да биде вратен, а другиот упат да важи. Ние секојдневно доставуваме фактури со фискални сметки од реализирани прегледи, кои Фондот ги проверува. Во интерес и на пациентите и на лекарите е болните непрегледани да не се враќаат од клиниките и револтирано да ни порачуваат: „Вратете ми ги парите за пат“. Ги разбирам и лекарите од клиниките дека се преоптоварени со работа, но како можеше порано со ист број доктори и пациенти секој да биде примен и прегледан, а сега да нема термини? Или дел од специјалистите не ги пријавуваат сите работни денови за прегледи во „Мој термин“, па вештачки се создава метеж. На пример, како може лекар да работи само 2 дена месечно во амбуланта? – прашува Чолакова.
Љубица Балабан




