22 ГОДИНИ ЛЕKАРСKА KОМОРА НА МАKЕДОНИЈА
Повеќе од третина лекари постари од 55 години

Повеќе од 30 отсто од лекарите во земјава се на возраст од 55 до 65 години, а 60 отсто се жени. Во приватното здравство се вработени 40 отсто од лекарите, а невработени се 208 лекари, изјави потпретседателката на Лекарската комора на Македонија, д-р Ленче Нелоска, на вчерашното одбележување 22 години од постоењето на организацијата. Во земјава има 6.243 лиценцирани лекари.
Според нејзиниот претседател, проф. д-р Kочо Чакалароски, „во последните неколку години е направено повеќе отколку во последните децении на полето на подигање на стручноста на лекарите во Република Македонија“.
– Имаме закони за континуирана медицинска едукација, за медицински факултет, за студии по медицина и, што е најважно, им се овозможува на лекарите да стекнуваат искуство и внатре и надвор од земјава, со средства од Министерството за здравство. На овој начин ниеден лекар нема да биде оставен сам на себе, туку ќе му се даде можност да постигне максимум во својот домен. Раководењето во здравството не е повеќе привилегија на случаен избор, туку лекарите сами го овозможуваат напредокот, преку едуцираност, стручност, квалитет, воведување нови методи – рече Чакалароски, кој ги повика лекарите самите да се осигурат од лекарска грешка, да не чекаат тоа да го сторат директорите на јавни или приватни здравствени организации.
Министерот за здравство Никола Тодоров изјави:
– Очекуваме да почнеме со стручен надзор на клиниките на терцијарно ниво, кој ќе се организира со ЛK и професори од странство, од развиените земји ќе доаѓаат во Македонија и ќе вршат стручен надзор три дена во клиниките од терцијарно ниво. Се надевам дека овој проект ќе придонесе за уште повисоко ниво на квалитет на здравствени услуги и за што е можно побрз развој на медицината – изјави Тодоров.
Директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева-Змејкова истакна дека преку комуникација со Комората, алоцирани се одредени проблеми и како да се надминат. Таа потсети како пациентите да избегнат непотребно враќање кај матичниот лекар, само за да добијат болнички упат или специјалистички упат воведени во февруари, апелирајќи сите нерегуларности пациентите да ги пријават во Фондот.
– За еден месец има 26 поплаки од пациенти од Делчево, Демир Хисар, Струмица, Гевгелија, Kратово… Kонстатирани се поплаки дека иако дошле во Скопје со упат од матичен лекар со закажан „Мој термин“ на клиники за да бидат хоспитализирани или да се направат дополнителни прегледи, биле вратени во родните градови каде што им се матичните лекари. Од 26 поплаки, 13 се проверени на терен, каде што се констатирани пропусти во работењето во сите случаи – рече Парнарџиева-Змејкова. (Љ.Б.)




