Д-Р ЛИДИЈА СТОИЧОВСKА ОД ДЕЛЧЕВО – ЛЕKАР НА ГОДИНАТА
Лекував и во село, и во фабрика и во итна помош

Во конкуренција од 6.243 лиценцирани лекари во земјата, неврологот Лидија Стоичовска е прогласена за лекар на годината од страна на Лекарската комора на Македонија на вчерашната свеченост по повод 22-годишнината на оваа еснафска организација.
Таа веќе 28 години лекува пациенти од Делчево и од регионот, а од пред 15-ина години не се одделува од своите инструменти – чеканчето и светилката, во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во овој град.
– Невролог сум веќе 15 години во дневната амбуланта во домот во Делчево каде што прегледувам од 25 до 30 пациенти на ден, одам и во домашна посета кај лежечки болни, а по повик и во селата.
А почнав како лекар токму во селска амбуланта, па во индустриска, во фабриката „Фротирка“, каде што бев доктор на вработените. Но се грижев и за здравјето на најмалите во детскиот диспанзер, каде што се даваат и вакцини, а работев и во Итната медицинска помош и во дежурната служба – раскажува д-р Стоичовска (55), која дипломирала во 1986 година на Медицинскиот факултет во Скопје, а специјализирала на Kлиниката за неврологија.
Таа е единствениот невролог во регионот бидејќи вакви специјалисти нема и во општините Берово, Пехчево и Македонска Kаменица.
– Се зголемува бројот на пациенти со мозочни удари и тоа се случува, за жал, кај с` помлади лица и е најчестата дијагноза што ја поставувам, следува епилепсија и други заболувања на централниот нервен систем, па ишијас, главоболки, невралгии… Оние што треба ги упатувам на дополнителни снимања во клиничките болници, а потешките случаи со итната помош ги препраќам на лекување во друг град. Добро би било кога би биле поопремени – вели д-р Стоичовска, која за сите овие години немала ниту една лекарска грешка.
Таа била и претседател на општинскиот одбор на Лекарската комора на Македонија во Делчево и член на етичкиот комитет, а била и членка во уредничкиот одбор на весникот „Епилепсија“.
Оваа скромна докторка вели дека многу се израдувала кога пред 10-ина дена слушнала дека е добитник на ова признание.
На прашањето со што смета дека ја заслужила оваа престижна награда, таа вели:
– Многу ми значи и се гордеам што ја добив оваа награда, особено што таа е на предлог на колегите-интернисти со кои тимски работиме, без што нема ни поединечен успех.
Таа ќе биде поттик за уште поголеми залагања на професионален план и да продолжам со грижата за најскапоценото нешто за секој човек – здравјето. Оваа награда, секако, треба да ја добие доктор кој професионално се однесува и води постојана грижа за здравјето на пациентите, кој е посветен на оваа хумана работа во секое време. Мојот телефон ѕвони и кога не сум на работа – додава д-р Стоичовска, која на наше инсистирање да раскаже некоја случка, се присети како случајно вчера на улица успеала да спаси човек.
– Забележав човек кој добил епилептичен напад, по што падна во вода и постоеше опасност да се удави. Веднаш со еден минувач го тргнавме од водата, му дадов прва помош и ја повикав брзата помош, која стаса и го пренесе човекот – се сеќава докторката – лекар на годината.
Љубица Балабан
Мозочни удари – најчеста дијагноза што ја поставува
На прашањето кои невролошки болести и состојби најчесто ги дијагностицира во амбулантата, таа одговори:
– Мозочни удари од кои страдаат и с` помлади лица на 25-30 години. Ризик-факторите се зголемениот крвен притисок, покачениот шеќер во крвта, пушењето, дебелина, стресот, недоволна физичка активност. Затоа е многу важно овие ризик-фактори да можеме да ги елиминираме – нагласува д-р Стоичовска.




