Во болниците не се умира само од болест

Студија во САД покажала дека 12 милиони луѓе таму добиваат погрешни дијагнози, а кај половина од нив тоа може да има и последици. Во Македонија нема ниту статистика ниту истражување колку погрешни дијагнози се поставуваат годишно. Во алките на здравствениот систем кај нас никој не негира дека лекари донесуваат погрешни заклучоци, а повеќето имаат свои гледања за тоа како да се намали нивниот број.

Човечка грешка не може да се отстрани, она што може да се направи е тие да се сведат на најниско ниво

Грешните дијагнози – сериозен глобален проблем

Три месеци пиев антибиотици, иако ми велеа дека имам настинка, а кога конечно матичниот лекар ме испрати на специјалист, излезе алергија, која ја реши само со еден лек, се пожали Емилија од Скопје. Нејзината првична погрешна дијагноза ја чинело непотребно пиење антибиотици, што е штетно за здравјето. Меѓутоа, кај некои пациенти кај кои лекувањето почнало по погрешна насока, тоа може да има многу поголема цена. Во Македонија нема ниту статистика ниту истражување колку погрешни дијагнози се поставуваат годишно. Студија во САД покажала дека 12 милиони луѓе таму добиваат погрешни дијагнози, а кај половина од нив тоа може да има и последици. Во алките на здравствениот систем кај нас никој не негира дека лекари донесуваат погрешни заклучоци, а повеќето имаат свои гледања за тоа како да се намали нивниот број.

Немаат време

– Синот на две и пол години доби мононуклеоза. Проблем беше што 10 дена имаше отежнато дишење, слузење, пад на имунитетот и го лекуваа со лек против алергија. Го носевме неколкупати на матичен, неколкупати на дежурен лекар. На крајот матичниот педијатар ни даде упат за Клиниката за хематологија. Таму докторката за 15 минути ни кажа дека има мононуклеоза, која веќе беше во поодмината фаза – вели Жарко В. од Скопје.

Александра Д., пак, објаснува дека дежурен лекар заклучил дека ѝ бил шинат палецот, а потоа се покажало дека бил скршен. Поради грешката, криво зараснал и ден-денес има проблеми.

На јавноста ѝ е познат случајот кога лекар, наместо бубрег, оперирал панкреас, а се случува и пациенти со години да лутаат по ординации и да не добијат точна дијагноза.

Лекарските грешки не се случуваат само кај нас. На секој дваесетти пациент што влегува во ординација за итни случаи лекарот му запишува погрешна дијагноза, се оценува во нова студија објавена во „Би-ем-џи квалитет и безбедност“, пренесува хрватскиот весник „Нови лист“. Половина од овие погрешни дијагнози, пак, би можеле да предизвикаат последици, а кај некои пациенти може да бидат и фатални. Грешки се прават, на пример, кај срцева слабост, пневмонија, анемија или рак на белите дробови. А поради погрешни дијагнози пациентот може да оди на непотребни процедури или непотребно да пие лекови.

– Човечка грешка не може да се отстрани. Треба да разбереме дека она што може да се направи е тие грешки да се сведат на најниско ниво – вели Хардеп Синг, директор за истражување.

Хрватски „Нови лист“ пренесува и размислување на американското здружение за подобрување на дијагностиката во медицината, од каде што велат дека грешната дијагноза e една од водечките причини за медицински грешки во САД. Погрешна дијагноза во оваа земја, велат тие, на годишно ниво носи меѓу 40.000 и 80.000 животи. Тие не се резултат на незнаење, туку на фактот дека лекарите, често, едноставно немаат време повеќе од 10 минути за да донесат одлука. А од пациентите се очекува да бидат активни и да му ги кажат на лекарот сите симптоми и информации за себе.

Решение – семејни лекари?

Претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Кочо Чакаларовски, објаснува дека кога првпат пациентот ќе појде на лекар, според симптомите што ги кажал, лекарот може веднаш да постави дијагноза. Меѓутоа, има симптоми што се заеднички за повеќе болести.

– Тогаш докторот, доколку не може да го реши тој проблем, го испраќа пациентот на второ ниво, на специјалист. Се претпоставува дека овие лекари се помалку оптоварени со пациенти и може да им посветат повеќе време. Но само доколку правилно се почитува низата примарно-секундарно-терциерно ниво. Проблемот е во тоа што примарното ниво, матичните лекари пишуваат премногу упати, па секундарното ниво, специјалистите немаат доволно време за да им се посветат на пациентите – вели професорот.

Тој смета дека треба доедукација за матичните лекари или да станат специјалисти за семејна медицина.
– Сигурен сум дека половина од препратените пациенти кај специјалист може да се излекуваат на матичен. Во САД 90 отсто од случаите се решаваат на примарно ниво. Дополнително што сметам дека треба да се направи е рамномерен распоред на пациентите низ Македонија – додава д-р Чакаларовски.

Проф. д-р Сашо Стојчев, директор на скопската градска болница „8 Септември“, дел од секундарното ниво, а во која има огромен прилив на пациенти од цела Македонија, смета дека токму метежите се основен проблем кога станува збор за грешките.

– За секој пациент треба различно време. Проблем е и кога тој не му ги дава сите потребни информации на лекарот. Има истражувања што велат дека грешат 30 проценти од матичните лекари, а 20 проценти од специјалистите. Има болни кај кои треба повеќе да се размислува и прво да се исклучат најопасните можности кога станува збор за здравјето. Мора да има реформи кај матичните лекари. Во развиените земји кај специјалист одат 10-15 отсто од пациентите, а другите се згрижуваат кај матичен лекар – вели д-р Стојчев.

Мерки за намалување на грешките

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари, во кое членуваат најголем број матични доктори, не се согласува со ставот дека не се доволно едуцирани.

– Матичните се доволно едуцирани и работат на својата доедукација. Нема некој што не сака да чуе што е ново. Проблемот е во тоа што ние не можеме да правиме процедури или да пропишуваме група лекови без да го испратиме пациентот на специјалист. Злоупотребите што ги правеа некои доктори направија беља, зашто поради нив беа донесени тие правила. Дополнително имаме многу административни обврски. Ние не сме неписмени, нѐ натераа вака да работиме. Дневно имаме по 50, 60, па и 80 пациенти, значи некогаш и четири пати повеќе од реалниот број – вели нашата соговорничка.

Таа ја пофали комуникацијата со Фондот за здравствено осигурување и вели дека за група лекови побарале да се дозволи да ги пропишуваат матичните лекари, со што ќе им се олесни на пациентите и ќе се олабави секундарното ниво.

Од Министерството за здравство велат дека една од мерките за намалување на грешките при лекувањето претставува воведувањето клинички патеки за најчестите дијагнози.

– Клиничките патеки претставуваат формулари во кои медицинскиот персонал ја заведува секоја активност што е дел од третманот на пациентот во клиничката патека и на тој начин се отстранува можноста да се направи пропуст (да се заборави или да изведе активност што не е базирана на докази и на ставот на стручниот колегиум на установата) – велат од Министерство.

Содржините (постапките) во клиничките патеки, пак, се базирани на медицински докази што се извлечени од клиничките упатства. На тој начин практикувањето на клиничките патеки претставува еден вид имплементација на клиничките упатства базирани на медицински докази, секојдневната и рутинска клиничка практика.

В година ќе работат првите семејни лекари

Матичните лекари треба да станат семејни лекари до 2020 година, велат од Министерството за здравство. Наместо кај интернист, хирург, кожен лекар или пулмолог, македонските граѓани ќе можат за дел од потребите за кои сега одат на повисоко ниво, да ги добијат кај семејниот лекар. Од идната година се очекува да почнат со работат првите семејни лекари, во договор со Фондот за здравство. Некои од сегашните матични одат на доедукација, во зависност од стажот, некои специјализираат семејна медицина. Специјализациите почнаа да се реализираат од 2010 година.

Проф. д-р Никола Јанкуловски, декан на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вели дека е во тек тригодишната специјализација по семејна медицина на вкупно 22 кандидати. Катедрата по семејна медицина е активно вклучена во додипломската настава по семејна медицина, застапена со 30 часа во петта година и една недела практика во шестата година од студиите по општа медицина.

– Исто така, катедрата активно партиципира во реализацијата на специјализациите по семејна медицина и континуираната медицинска едукација. До денес вкупно 123 кандидати положиле специјалистички испит по семејна медицина, додека 223 доктори се на доедукација. Доедукацијата е процес во кој се вклучени општите, матичните лекари и кој се одвива по строго утврдена програма, која трае 5-12 месеци, во зависност од работниот стаж на докторите по медицина. Специјализантите, односно докторите што се на доедукација одат на болнички турнуси и работат по определени утврдени модули во Центарот за семејна медицина, по што го полагаат специјалистичкиот испит – вели деканот.

Здружението на лекарите по општа медицина – семејна медицина во соработка со Центарот за семејна медицина при факултетот од Скопје првпат оваа година, денеска, го одбележува Светскиот ден на семејните лекари, под слоганот „Семејните лекари – столб на здравствениот систем“.

– Нашата интенција, во согласност со најновите законски измени за дејностите на семејната медицина, е да бидеме комплетен сервис за секое семејство по однос на медицинската грижа и јавните здравствени услуги. Овој ден сакаме да биде од полза за целото општество – истакнува д-р Нада Аницин, претседателка на здружението.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари