Третина од пациентите на Ургентен ги навредуваат лекарите

Третина од пациентите на Ургентен ги навредуваат лекарите

Бев нападната додека дежурав во амбуланта и тоа без никаква причина. Пациентот дојде и се жалеше на симптоми за кои требаше и лабораториско испитување на крвта, а иако немаше ниту упат ниту лична карта, јас не го вратив, туку веднаш почнав со прегледот. Бидејќи немаше никакви документи, неговата сестра замина на Токсикологија да донесе итен упат, а пациентот стануваше с` понервозен, почна да вика, удри првин по масата, па ме удри и по раката, во која ми беше мобилниот телефон, кој тогаш заѕвони – раскажува докторка, која работи на една од интерните клиники, а која не сакаше јавно да зборува за случајот.

Таа додава: „Мобилниот одлета, јас се исплашив и ја викнав сестрата да за повика обезбедување, а пациентот се обиде да избега. Нападот го пријавив и во полиција, но с` уште нема никаква информација дали и што е преземено“.

Во Србија пред три дена еден 76-годишен пациент застрела познат 66-годишен хирург на улица во Kралево поради наводно незадоволство од начинот на кој бил лекуван – додека пукал во лекарот, тој викал: „Ти ми го извади црниот дроб, ти си виновен што имам рак“. Истрагата утврдила дека пациентот воопшто не бил болен од рак, а по овој трагичен настан, српскиот министер за здравство, д-р Златибор Лончар, предложил да се забрза процесот и лекарите во оваа земја да добијат статус на службени лица.

Фатиле лекар за гуша

И кај нас лекарите и медицинскиот персонал се цел, најчесто на вербални, а многу поретко на физички напади од страна на пациентите и нивните семејства, особено на ургентните оддели каде што се носат тешко повредени, а некогаш, за жал, и веќе починати пациенти.

Освен по вработените, често се посегнува и по мебелот, влезните врати, прозорците…

Во Ургентниот при ЈЗУ „Трауматологија, интензивно лекување, ортопедија, ургентен центар“ велат дека од просечно 60 пациенти на ден, една третина навредуваат, викаат, пцујат.

Во овој центар с` уште стојат дупки на двете влезни врати – од гипс-салата и од салата за реанимација – граѓанин, чиј брат пред еден месец бил тешко повреден во сообраќајна несреќа, која се случила додека управувал со мотор, на тој начин го искажал својот бес по трагичната вест дека починал.

Пред околу една година лекар бил нападнат во истата установа од страна на роднини на пациент, кои незадоволни бидејќи пациентот им подлегнал на тешките повреди, лекарот го фатиле за гуша, а и му се заканиле дека кога ќе излезе надвор, ќе добие уште ќотек зашто му го запомниле лицето“! Лекарот добил и хематоми по вратот од стегањето.

– Изложени сме на навреди и пцости од членовите на семејства на некои пациенти кои се донесени за да им се укаже помош во Ургентниот центар. Има ли поголема навреда од тоа некој да вика, да се дере и да те пцуе додека си на работно место на кое треба да спасуваш човечки животи? – прашува хирург од Ургентниот центар.

Полициски интервенции

Медицинските сестри раскажуваат: „Освен што некогаш викаат и пцујат, еве овој месец се случи двапати роднини на пациенти да ги сликаат и да ги снимаат медицинските сестри додека му укажуваат помош на повредениот!? За што им требаат тие фотографии? Или љубезно ги опоменуваме да се тргнат од повредениот и да останат барем двајца до него, а не 10-мина, но попусто. Некогаш повикуваме клиничко обезбедување, но и на нив некогаш тешко им оди да ги отстранат надвор, а во други случаи кога има и навреди и обиди за физички напад врз персоналот, се повикуваат и припадници на полициската единица „Алфа“- вели главната медицинска сестра Златка Јовановска, која нагласува дека токму благодарение на професионалноста и на искуството на лекарите и на другиот персонал успеваат да ја смират понекогаш вжештената атмосфера“.

Медицинската сестра Сузана Цветковска потврдува:

– Разбираме дека роднините се во состојба на афект поради нивниот близок кој е повреден, па некогаш и се извинуваме, иако не сме виновни за ништо за да ја смириме топката, па се случува пациентите и роднините и да се спријателат со оние на кои претходно без причина им се развикувале и ги навредувале, а бараат и совети како и каде да го продолжат лекувањето – вели Цветковска.

Др Реџеп Селмани, директор на оваа установа, вели:

– Ги пријавуваме нападите врз медицинскиот персонал до службата за обезбедување, а тие по службена должност треба да ги проследат понатаму. Обезбедувањето често е недоволно да ги заштити вработените – вели д-р Селмани.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари