Ист лек со друго име може да ја запре исплатата од Фондот

Ист лек со друго име може да ја запре исплатата од Фондот

Поради ненамерна грешка на лекарите при пишување препорака кој лек да се користи, некои пациенти остануваат со куси ракави и кога на приватно ќе го купат лекот, не можат да ги добијат назад парите од здравствената каса, иако им следува рефундација. Од Фондот за здравство апелираат осигурениците да внимаваат кога ја обезбедуваат неопходната документација за купените лекови бидејќи на сите лекарски извештаи и на отпусната листа мора да го пишува точното име на препаратот за пациентот да може да ги врати парите назад.

Скопјанка, која по операција морала да прима лек против згрутчување на крвта, раскажува:

– Уште во болница ми го даваа овој лек – антитромботик „фраксипарин“, кој хирургот потоа ми го препорача да го инјектирам и дома и го купив на приватно. Но на првата контрола по две недели, на специјалистичкиот извештај лекарот го напишал вториот лек – „клексан“, на што јас воопшто не обрнав внимание зашто мислев дека е тоа ист лек, но од друга фабрика, особено што знаев дека Фондот за здравство враќа пари и за двата лека. Но ме облеа студена пот кога на барањето за рефундација на 4.000 денари од подрачната служба добив негативен одговор и тоа бидејќи токму на отпусната листа стои едниот лек, а на специјалистичкиот извештајот другиот – вели оваа пациентка, која решила да се жали и до комисија при Министерството за здравство од каде што чека одговор.

Цената на една ампула од 0,4 мг од лекот изнесува 267 денари, а од другиот е 156 денари.

Од Фондот за здравство се рефундира референтната цена на препаратот, која изнесува околу 80 отсто од цената по која лекот се продава во аптека. Од таму потврдуваат дека едни од најчестите барања за рефундација се токму за овие два препарата и објаснуваат зошто понекогаш осигурениците не можат да го остварат правото.

– Иако овие лекови спаѓаат во иста група – антитромботици – тие се два лека. Едниот е по генерика еноксапарин, а другиот е надропаринум, па ако на извештајот го пишува едниот лек, а пациентот купил од другиот, сметајќи дека се исти, тогаш тој нема право на надоместок на трошоците за купениот лек по референтната цена што ја признава Фондот – појаснува Емилија Божиновска-Здравева, од секторот за остварување права и обврски од здравственото осигурување во Фондот за здравство.

Таа порачува пациентите да внимаваат кога им се препишува овој лек во случаи кога мора самите да го набават за потоа да може да си го остварат законското право на враќање пари од Фондот.

– Барањето за рефундација мора да ја содржи целата документација што е наведена, односно специјалистичко или конзилијарно мислење, потврда, фискална сметка од аптека – вели Божиновска.

Љубица Балабан

Лекарите почесто да ги прегледуваат правилниците

Од Здружението на приватни лекари нагласуваат – лекарите почесто да ги прегледуваат правилниците.

– Секој матичен треба да внимава и да ги запазува препораките од специјалистот, а секој доктор треба да го знае режимот на препишување лекови и за кои пациентот може да поврати дел од парите. Има многу правилници и упатства од Министерството и од Фондот за здравство и сите доктори од сите три нивоа – примарно, секундарно и терцијарно здравство – треба да бидат во тек со правилниците. И осигурениците да внимаваат – да ги следат новите правила – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, од Здружението на приватни лекари.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари