Лекарите-пензионери можат да се вратат во ординациите!

Лекарите – носители на здравствената дејност, вработени на неопределено време со полно работно време во приватни здравствени установи кои не се корисници на простор под закуп и кои оствариле право на пензија можат да продолжат да работат со Фондот, но под услов пензијата да им е ставена во мирување.

Новина од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) за лекарите коишто треба да заминат во пензија. Со одлука на Управниот одбор на Фондот, одлучено е дека сите лекари носители на здравствена дејност, вработени на неопределено време со полно работно време во приватни здравствени установи кои не се корисници на простор под закуп и кои оствариле право на пензија можат да продолжат да работат со Фондот.

Како што објаснуваат од оваа институција, оваа можност може да ја остварат под услов пензијата да ја имаат ставено во мирување и да имаат валидна дозвола за работа во мрежата на здравствените установи.
-Фондот за здравствено осигурување на Македонија им овозможува на лекарите-концесионери кои исполниле услови за пензионирање со добивање нова лиценца од Министерството за здравство да склучат договор со Фондот – информираат од Фондот и дополнуваат дека тие посветено работат за да им овозможат на своите осигуреници што поквалитетни, континуирани и подостапни здравствени услуги.

Здравствените експерти велат дека овие новини позитивно ќе се одразат во реоните каде што се дефицитарни матичните лекари и гинеколози, како и одредени други специјалности коишто се дефицитарни.

Претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија, д-р Лилија Чолакова – Дервишова, вели дека оваа одлука на Фондот е одлична и доаѓа во вистинско време. Според неа, таа ќе донесе добросостојба и на здравствениот сектор и на пациентите.

-Веста од Фондот лекарите ја примија со огромно задоволство, бидејќи има многу приватни лекари кои самите инвестирале во своите ординации, вложиле многу во нив и на крајот, поради законската обврска, морале да заминат во пензија. Многу од нив се во одлична здравствена состојба и подготвени да се вратат на работа и да дадат се од себе, особено своето знаење и долгогодишно лекарско и специјалистичко искуство – нагласи Чолакова – Дервишова и додаде дека во Велес има одлични лекари кои се во пензија и се надева дека наскоро ќе се вратат и ќе им помогнат на помладите колеги. Таа како пример посочи дека д-р Благој Јорданов е одличен гастроспецијалист, кој се надева дека ќе се врати и ќе помогне со квалитетно знаење во лекувањето на пациентите.

Во земјава има 1.600 матични лекари. Истовремено, околу 125 гинеколози во Македонија имаат потпишано договор и работат со Фондот за здравство, при што се матични гинеколози за речиси милион жени. Бидејќи од пред неколку години стапи на сила законот со кој секоја жена мора да избере матичен гинеколог уште од 12-годишна возраст, недостатокот на оваа специјалност уште повеќе се чувствува. Токму затоа, од лани Министерството за здравство на државна сметка одобри 48 нови специјализации по гинекологија и акушерство.

(В.Ма.)

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари