Голтаме 47 милиони евра во лекови

Со рецепти преку Фондот за здравство на државна сметка граѓаните земаат терапија во висина од 34 милиони евра. Дополнително тие и доплаќаат за дел од лековите, меѓутоа за тоа нема официјална евиденција, додека, пак, сами од аптеките си купуваат за 13 милиони евра. Граѓаните и понатаму претеруваат со пиење антибиотици и седативи

Голтаме 47 милиони евра во лекови

Помладата генерација од 18 до 25 години е освестена кога станува збор за антибиотиците

Само од аптеките

За висок крвен притисок, за срце и крвни садови, за смирување, против болка, антибиотици и лекови за системот за варење се терапии што најмногу ги употребуваат македонските граѓани, а ги набавуваат од аптеките. За лекови од аптека годишно трошиме најмалку 47 милиони евра. Од нив, со рецепти преку Фондот за здравство на државна сметка граѓаните земаат терапија во висина од 34 милиони евра. Дополнително тие и доплаќаат за дел од лековите, меѓутоа за тоа нема официјална евиденција, додека, пак, сами од аптеките си купуваат за 13 милиони евра. Граѓаните и понатаму претеруваат со пиење антибиотици и седативи.
Тие добиваат и лекови во здравствените установи од т.н. болничка листа, но за тоа колку за неа се троши, во Фондот велат дека немаат прецизни податоци.

Според податоците од аптеките со кои располага Фондот за здравство, се забележува дека од година на година се зголемува бројот на лекови што пациентите си ги подигнале со рецепт на државен трошок, а соодветно на тоа расте и вкупниот износ во пари одвоен за овие лекови.

– Ова е во согласност и со светските трендови за зголемување на консумацијата на лекови. За периодот 2008-2013 година, бројот на реализирани рецепти е зголемен за 73 отсто, односно вкупниот износ за лекови издадени на рецепт во аптеките е зголемен за околу 61 процент – коментираат од Фондот.
Прв на листата топ 10 најтрошени лекови минатата година или најкористен лек, ист како и во претходните години, е „еналаприл“ (за висок крвен притисок). За него биле реализирани 1,66 милион фондовски рецепти, што претставува 9,3 отсто од вкупно реализирани рецепти. Втор на листата е „пентоксифилин“ (за срце), „лизиноприл“ (висок крвен притисок), „аторвастатин“ (за холестерол), „дијазепам“ (за смирување), „бисопролол“ (за срце), „диклофенак“ (за болка), „метформин“ (за шеќер во крвта), „ранитадин“ (за систем за варење) и „амоксицилин со клавулонска киселина“ (антибиотик).

Прекумерната употреба на антибиотиците или лековите за смирување е стар проблем и на лекарите и на пациентите, кога станува збор за најтрошени лекови. И двата типа од лековите се на најтрошената листа и за лекови на државен трошок и за лекови што сами си ги купуваме.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари, вели дека има некои граѓани што се освестуваат дека прекумерната и непотребна употреба на антибиотиците е штетна и дека прави резистенција, т.е. доведува до состојби кога тие веќе не дејствуваат, а се создаваат и напаѓаат суперопасни бактерии. Меѓутоа и понатаму има голем дел пациенти што претеруваат со нив.
– Помладата генерација од 18 до 25 години е освестена кога станува збор за антибиотиците. Очекувам дека во наредните години ќе има уште попозитивни промени. Но има, на пример, многу млади мајки што инсистираат на антибиотик. Упорни се и притискаат за нив и повозрасни, особено оние над 60 години. Тие мислат дека треба да ги имаат во домашната аптека. Грешка што прават е и што не пијат цела доза, туку по неколку таблети и се залечуваат, а не се излекуваат. Тоа е опасно – вели нашата соговорничка.
Таа објаснува дека нашиот народ и најмалата нервоза гледа да ја санира со седатив. Многу тешко се разубедуваат.

– Пациенти мислат дека еднаш пропишан „лексилиум“ треба да го пијат целиот живот. Имаме злоупотреба на овие лекови. Нема потреба толку многу да се пијат. Мора да научиме да се справуваме со стресовите, да ги контролираме, или да се научиме помалку да се нервираме – вели д-р Чолакова-Дервишова.
Инаку, лекарите се задоволни што граѓаните, во споредба со години порано, се подисциплинирани кога станува збор за лекување на болестите на срце, крвни садови и висок крвен притисок. Меѓутоа, велат, има уште многу работа со некои пациенти што не се контролираат навреме, не одат на превентивни прегледи, немаат здрави животни навики или не ги почитуваат советите и доаѓаат на доктор кога е доцна – притисокот го оштетил срцето или направил друг сериозен здравствен проблем.

Топ 10 листа на најтрошена терапија на државен трошок во првото тримесечје

– „еналаприл“
висок крвен притисок
– „пентоксифилин“
срце
– „лизиноприл“
висок крвен притисок
– „дијазепам“
за смирување
– „метформин“
за шеќер во крвта
– „амоксицилин
антибиотик со клавулонска киселина“
– „бисопролол“
срце
– „хидрохлоротијазид“
висок притисок
– „аторвастатин“
за холестерол
– „диклофенак“
за болка
година 2010 2011 2012 2013

број
на рецепти 15.277.792 16.332.551 17.485.146 17.822.132

износ 1.778.028.785 1.902.841.544 1.993.189.875 2.123.979.166
(денари)

Кои лекови најчесто ги купуваме?

Најупотребувани лекови во 2012 и 2013 година, според бројот на издадени кутичиња, за кои граѓаните си платиле приватно, по терапевтски групи, се за кардиоваскуларни болести, за регулирање висок крвен притисок, седативи за смирување, против воспаленија, против болки, како и против чир на желудникот.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова
Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари