Избираат матичен дури кога ќе станат итни случаи

Избираат матичен дури кога ќе станат итни случаи

Без матичен лекар се уште околу 30.000 осигуреници во целата земја, што е значително помалку во споредба со 2012 година, кога овој лекар го немаа избрано дури 215.000 лица, потврдуваат од Фондот за здрaвство, од каде што информираат дека од вкупно активни еден милион и 814,082 осигуреници, општ лекар избрале 1.783.387 лица, стоматолог милион и 360.300 граѓани, а гинеколог – 439.886 жени.

Плаќаат услуги приватно

Лекарите појаснуваат дека осигурениците што с` уште се без овој лекар, на тоа се решаваат најчесто кога ќе „заглават“ на некое од ургентните одделенија поради повреда поради која итно мора да се згрижи.

– С` уште има граѓани без матичен лекар, иако изборот почна уште во 1997 година. Причините се различни – или лекарот заминал во пензија, па не одбрале друг, или тие се преселиле, се одјавиле од еден лекар, но потоа не избрале друг… А најчесто се принудени да изберат матичен кога ќе им излезе некој здравствен проблем за кој потоа им е неопходен упат, а во 80 отсто од случаите тоа е кога се обраќаат до ургентните центри за итна состојба. Таму ги примаат и без упат, но потоа прегледот мора да се регулира – за тие што имаат матичен лекар, самиот систем по автоматизам креира упат, но кај пациентот што е без овој лекар, тоа не се случува, па тој е должен да направи избор – вели д-р Христина Лескароска, матичен лекар во скопската поликлиника „Бит-пазар“.

Во спротивно, без упат од матичен, услугата ќе треба да си ја плати приватно.

Но, граѓаните наведуваат и други причини зошто с` уште не го направиле изборот.

– Имав срцеви тешкотии и веднаш се упатив во приватна болница, каде што ми направија коронарографија и ми препишаа куп лекови – против згрутчување на крвта, за намалување на притисокот, на мастите во крвта… Јас лековите ги купувам приватно, иако некои и ми следуваат на рецепт со сини картони, па не знам зошто да изберам матичен лекар кога веќе ме следат во приватна болница, за каде што не ми треба упат – прашува 52-годишен скопјанец.

Има и гастарбајтери и социјални случаи

Лекарите посочуваат дека меѓу тие што с` уште не избрале матичен има и лица што привремено работат во странство, но и други.

– Има граѓани што најмалку по три месеци работат по европските и други земји, па не можат да го регулираат статусот и во Агенцијата за вработување, па остануваат како пасивни осигуреници. Или се социјални случаи што с` уште не го регулирале здравственото осигурување, иако Фондот за здравство им ја нуди таа можност. Или некој се одјавил од една ординација, а во меѓувреме не му притребал матичен лекар, без кој не може да се добие ни рецепт за лековите со сини картони ни упат за јавното здравство. Сите овие услуги треба приватно да си ги платат во јавното здравство или во приватна болница, ако одбрале таму да се лекуваат. Но кај матичен се оди и за превенција и рано откривање на многу заболувања како дијабетес, а с` повеќе „косат“ и срцеви и малигни заболувања, и тоа, за жал, и кај помлади – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватните лекари.

Таа нагласува дека и разговор во лекарска ординација може да биде вистинско богатство, зашто и при најмала дискусија случајно може да се открие симптом и да сигнализира за некоја болест.

– Сите што се без избран општ лекар, иако немаат здравствени тегоби, треба да го изберат, за да можат да си го контролираат здравјето – порачува д-р Чолакова.

И од Министерството за здравство апелираат до граѓаните што немаат матичен, што поскоро да го изберат за да си ги остварат правата од здравственото осигурување, но и за навремено откривање на дел од заболувањата. Пациентите веќе 17 години избираат матичен лекар и тоа – по општа медицина, гинеколог, стоматолог, кај кои, освен прегледите, бесплатни се ЕKГ, ЕХО и други здравствени услуги.

БЕЗ МАТИЧЕН И СИНИ КАРТОНИ – САМО ПРЕГЛЕДОТ Е 500 ДЕНАРИ

Преглед кај матичен лекар ќе ве чини 500 денари, ЕKГ од 100 до 200 денари, инјекција 40 денари, а за лабораториски услуги ќе мора да платите и повеќе од 700 денари ако немате здравствено осигурување.

– Ова е според Ценовникот на Здружението на приватните лекари и важи за сите граѓани што немаат осигурување и приватно ги плаќаат услугите. Ако лицето е здравствен осигуреник, ние го пријавуваме како пациент и тогаш тој не мора да плаќа ништо или само минимална партиципација за услугите што следуваат на примарно ниво – појаснува д-р Чолакова.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари