Граѓаните пијат лекови за 70 отсто повеќе отколку пред седум години

Граѓаните пијат лекови за 70 отсто повеќе отколку пред седум години
Најмногу лекови на рецепт и во 2013 година граѓаните во земјава пиеле против зголемен крвен притисок, за срцеви заболувања, за намалување на масти во крвта и за проблеми со желудникот. По нив, граѓаните најмногу имале потреба за лековите за централниот нервен систем (за смирување и други), кои, сепак, за околу четири отсто ги пиеле помалку отколку пред две години, покажуваат анализите на Фондот за здравство за потрошувачката на лекови со сини картони.
Инаку, во аптеките во минатата година биле реализирани 17 милиони и 822.132 рецепти со сини картони, за кои од здравствената каса биле издвоени вкупно 2.123.979.166 денари, што е околу 34 милиони евра и претставува речиси 10 отсто од буџетот на Фондот за здравство. Во споредба со 2008 година има значителен пораст на потрошувачката на лекови – за над 70 отсто, за кои се издвоени средства за 61,04 отсто повеќе.
Најбаран лек „еналаприл“
Од податоците произлегува дека се издвоени просечно по 1.190 денари за лекови од примарната здравствена заштита за осигуреник.
– Растот на потрошувачката на лекови е распределен во скоро сите групи. Лани се зголеми потрошувачката на лековите за кардиоваскуларниот систем, бидејќи за нив беа издадени околу 7,8 милиони рецепти, за четири отсто повеќе од преклани. Потрошувачката на лековите за централниот нервен систем е намалена за четири проценти, а на трето место според бројот на рецептите се лековите за дигестивниот тракт и метаболизмот – се вели во фондовскиот извештај.
Најкористен лек во 2013 година, како и во претходните години според бројот на
издадените рецепти, е лекот „еналаприл“, со вкупно 1,66 милион рецепти, што претставува 9,3 отсто од вкупно реализираните или за 0,4 отсто повеќе во споредба со 2012 година. Додека лек за кој се издвоени најголеми износи од здравствената каса е лекот „аторвастатин“, за кој во 2013 година биле потрошени 110 милиони денари или 5 отсто од вкупниот износ за лекови. Овој лек спаѓа во групата на кардиолошки лекови што го намалуваат нивото на мастите во крвта.
И пациенти на 27 години пијат лекови против притисок
Матичните лекари појаснуваат дека една од причините што, генерално, пиеме многу повеќе лекови отколку порано е што граѓаните стануваат посвесни за своето здравје и за опасностите од болестите што може да се јават, како и намалување на старосната граница на заболените.
– Забележуваме дека граѓаните сега итаат на лекар и кога ќе им се појават најмали симптоми, бараат да им препишеме терапија за да почнат да се лекуваат. А симптомите на висок крвен притисок најчесто се главоболка, проблеми со видот – им се заматува видот, им се „врти“ во главата. Веќе имаме и пациенти на 27 години што пијат лекови против притисок! Kога матичниот лекар ќе дијагностицира покачен крвен притисок, му препишува лекови, но на пациентот му препорачува и да го смени начинот на живот, што е многу тешко – ги опоменуваме никако да не ја пресолуваат храната, правилно да се хранат, повеќе да се движат и да спортуваат, ако можат. Важно е да се смени и начинот на живот, ги советуваме да не јадат слатки и мрсна храна, зашто тие се штетни навики, не одат заедно со пиењето лекови против притисок и за намалување масти во крвта – предупредува д-р Лили Чолакова Дервишова, специјалист по семејна медицина во ординација во Велес и претседателка на Здружението на приватни лекари.
Љубица Балабан




