Бубрезите откажуваат и од нелекувано воспаление на мочен меур

ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСKИОТ ДЕН НА БУБРЕГОТ

Бубрезите откажуваат и од нелекувано воспаление на мочен меур

Бубрезите може да откажат поради компликации од високиот крвен притисок, дијабетес, но и поради нелекувано воспаление на мочниот меур (циститис), па пациентот да заврши на апарат за дијализа. Тоа ~ се случило на пациентка од Велес, предупредуваат лекарите по повод Светскиот ден на бубрегот, кој со пораката „Хроничната бубрежна болест (ХББ) е честа, тешка болест, но може да се лекува“, вчера беше одбележан и кај нас.

Според Здружението на бубрежно болните граѓани „Нефрон“, околу 10 отсто од населението во светот имаат некоја форма на бубрежна болест, што значи дека во земјата околу 200.000 граѓани страдаат од хронично бубрежно заболување.

Од јануари матичните лекари почнаа да ги упатуваат пациентите на превентивни прегледи на крвта и на урината преку кои може рано да се открие бубрежна болест.

– Ризик-фактори за откажување на функцијата на бубрезите некогаш може да бидат и обична настинка и воспаление на мочниот меур. Ако овие инфекции не се лекуваат соодветно, циститисот преминува во воспаление на бубрегот, кое ако не се лекува, пациентот може да заврши и на дијализа. Тоа, за жал, ~ се случи на една моја пациентка, која често добиваше уринарни инфекции предизвикани најчесто од бактеријата ешерихија коли, на крајот организмот веќе не реагираше на антибиотици и пред неколку години таа заврши на дијализа. Затоа и обична настинка мора сериозно да се разбере и соодветно да се лекува – вели д-р Лили Чолаков-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

И директорката на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева-Змејкова, вчера ги повика сите пациенти од 14 години да направат крвна слика и анализа на урина, зашто токму благодарение на тие испитувања, може многу да се одложат дијализите.

– Владата, со активностите на Министерството за здравство, јавните здравствени установи, Фондот за здравство и со здруженијата на пациенти, работи на три области – превенција, дијализа и трансплантација. Годинава се предвидени нови 40 трансплантации од жив донор – рече Парнарџиева-Змејкова, која го промовира водичот за пациенти.

Таа потсети дека од 15 февруари Фондот склучил договор со еден приватен субјект, односно, како што рече, Министерството за здравство преку јавно-приватно партнерство ги предаде дијализните центри од јавна во приватна сопственост на подолг рок за да се подобри квалитетот на дијализа.

Во Македонија има околу 1.500 пациенти на дијализа.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари