Над 200 лекари чекаат работа, а не сакаат да станат матични

Над 200 лекари чекаат работа, а не сакаат да станат матични

Лекарите што имаат приватни ординации во источниот дел на земјата мака мачат да вработат нови лекари што би работеле како матични, и покрај погодностите што од оваа година ги нуди Фондот за здравство, алармираат од Здружението на приватните лекари на РМ. Во Агенцијата за вработување како невработени се пријавени 201 доктор по општа медицина, а без работа се плус и 10-ина лекари-специјалисти, меѓу кои има и гинеколози, радиолози, дури и хирурзи.

Според претседателката на Здружението, д-р Лили Чолакова-Дервишова, последен пример на сопственик кој не може да си најде лекар за приватната амбуланта е нејзин колега во источна Македонија.

– За да изучи еден лекар факултет од шест години е многу скапо. Мислам дека затоа треба да биде соодветно платен и состојбата е навистина алармантна. Слушаме дека од лекарите кои остануваат во земјата има интерес да се вработуваат во веледрогерии, во државниот санитарен и здравствен инспекторат, како наставници во медицинските училишта, но еве слаб е интересот да се вработат како матични лекари и да работат со пациенти – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Д-р Влатко Миташев од Штип, сопственик на ПЗУ„Д-р Миташев“, бил подготвен, освен плата и придонеси, да плати дури и приватна специјализација по ОРЛ, за некој доктор по општа медицина да се согласи да се вработи во неговата ординација.

Д-р Миташев раскажува како со недели барал заинтересиран лекар за да го вработи како матичен лекар.

– Навистина не знам што се случува – иако бев подготвен да дадам дури и поголема плата за околу 10.000 денари од таа што се нуди во јавното здравство, не можев да најдам кандидат кој би почнал да работи како матичен лекар во мојата ординација. Откако докторката која работеше со мене замина да специјализира, разговарав со 10-ина кандидати. Но нивниот одговор беше: „Повеќе сакам да се вработам во државно здравство, таму ми е посигурно и побезбедно!“ Лекарот би заработувал и до 30.000 денари, што не е лошо за почетник и за работно време од шест часа пет дена во неделата, а секоја втора сабота по четири часа – раскажува д-р Миташев.

Сепак, кандидатите изјавувале дека не им одговарало тоа што работното место во ординацијата им се чинело како неперспективно за нивната идна специјализација.

– Дури не помогна тоа што се понудив и специјализацијата да им ја платам. Но, условот за тоа беше да работат најмалку пет години во ординацијата кај мене. И самиот сум специјалист за уво, грло и нос, а на специјализација во Швајцарија заминав откако пет години работев тука во брза помош и знам како е да се работи во странство… Kандидатите раскажуваа како да се многу амбициозни и дека ако не се вработат во државното здравство или ако не добијат специјализација, дека ќе заминеле за Германија да работат како лекари. Па тогаш, нека ги спакуваат куферите и право во Германија, зошто воопшто доаѓаат на интервју за вработување? – реагира д-р Миташев, кој на крајот, сепак успеал да се договори со една докторка која се согласила да работи во ординацијата.

Оглас за вработување на неколку лекари, во меѓувреме, имало и во штипската клиничка болница, каде што на конкурсот се пријавиле и двајца лекари што претходно работеле во приватното здравство.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари