Kанцерот напаѓа сè помлади лица

Љубица Балабан

Годинава се очекува „поплава од заболени со рак“ предупредува во најновиот извештај Светската здравствена организација по повод вчерашниот Светски ден на борбата со ракот. Притоа СЗО наведува дека главните ризик-фактори за појава на ова заболување се пушењето, алкохолот, дебелината, прекумерно внесување шеќери и физичката неактивност и други.

На Светскиот ден кај нас се сетија само од Здружението „Животна искра“, кои ги посетија пациентките на Kлиниката за онкологија, а со директорот разговарале за новините во лекувањето на заболените од рак, и од Институтот за јавно здравје. Од таму алармираа дека дури 30 отсто од смртните случаи кај заболени од рак се поради нездраво однесување и нездрава исхрана, зголемена тежина, мало внесување свежо овошје и зеленчук, недостиг од физичка активност, пушење и други. Тутунот, на пример, е причина за појава на рак и причина за дури 22 отсто на сите смртни случаи од ова заболување и за 71 отсто од сите смртни случаи од рак на бели дробови.

На Kлиниката за радиотерапија и онкологија лани се лекувале 4.200 болни од рак, а во Македонија биле регистрирани речиси двојно повеќе – околу 7.000 новозаболени од малигни заболувања. Секоја година бројот се зголемува и ракот напаѓа с` помлади лица.

На прашањето каде ја губиме битката со ракот и дали поради подобрата дијагностика се зголемува и бројот на нови случаи и на кои фактори треба особено да им се обрне внимание, онколозите велат дека во споредба со целиот регион, ние сме на средина и според бројот на новозаболените од рак и според смртноста. Полска е, на пример, на прво место во Европа, според инциденцата и смртноста, а тие имаат и многу рудници, кои се извори на зрачење.

-За среќа, Македонија не е во врвот на оваа неславна листа, но за да се појасни зошто е така, неопходна е сериозна студија, за да се види дали добро се „држиме“ во однос на малигните заболувања. А според тоа кои се главните причини за појава на ова заболување, на прво место, тоа убедливо е клеточниот оксидативен стрес, а дали тој ќе биде предизвикан од јонизирачко зрачење, од пушење цигари или од алкохолни пијалаци или поголем калориски внес или од загадениот воздух или загадената околината, е неизвесно. Сите овие, заедно со недоволната физичка активност и други ризик-фактори, може да бидат причина за појава на ракот – вели д-р Милан Ристевски, директор на Kлиниката.

Д-р Ристевски најавува дека за да ја засилат битката со ракот, прво што ќе сменат е болничкото мени за пациентите што се лекуваат во оваа клиника.

– Прво ќе почнеме од менито, кое ќе мора да обезбеди избалансирана исхрана, зашто сега има непотребно високо ниво на јаглехидрати, кои нема потреба толку да се внесуваат. Ќе го засилиме внесот на свежо овошје и зеленчук, а полека но комплетно ќе го исфрлуваме месото од исхраната на болните, а ќе ставаме печурки, риба. Неопходна е и добра национална кампања за одвикнување на населението од цигари, зашто сме пушачка нација, што е меѓу првите ризик-фактори за појава на рак, не само на белите дробови, туку и на хранопроводникот, мочниот меур, дојката – предупредува д-р Ристевски.

Матичните лекари предлагаат воведување посеопфатни систематски прегледи кај вработените и задолжителни гинеколошки прегледи кај жените, а мажите над 50 години да ја проверат простатата. Но, предупредуваат дека и свеста кај пациентите треба да се зголеми во однос на раното откривање на болеста, но да се прават и поопсежни систематски прегледи.

– Да не биде само анализа на крв и урина на систематски, туку и комплетни задолжителни прегледи – гинеколошки за жените, рендген и други снимања на белите дробови. Сè почесто оваа болест се јавува и кај млади лица, на кои ниту на крајот од умот не им е дека се можеби заболени од рак. Секогаш кога има долгортрајно кожно заболување, треба да се посомневаме дека можеби малигно заболување се крие зад некој егзем на кожата – вели д-р Лили Чолакова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Таа предупредува на зголемување и на свеста кај луѓето за колку што може повеќе да се надитри оваа опака болест.

Цигарите прв ризичен фактор

СЗО вчера предупреди дека ракот е одговорен за 8,2 милиони смртни случаи во 2012 година, а се очекува дека бројот на заболените ќе се зголеми на 22 милиона во следните две децении.

Ракот на белите дробови, црниот дроб, желудникот, дебелото црево и на градите ги предизвикува повеќето смртни случаи од рак секоја година. Употребата на тутунот е најзначајниот ризик-фактор за рак.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари